По два месеци се враќа превозот во Тетово, агенциите подготвени за работа

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

По нешто повеќе од два месеци Владата одлучи да се вратат редовните меѓуградски линии во Тетово. Од денеска во градот, но и во селата ќе сообраќаат редовни автобуски линии со задолжително држење дистанца од најмалку 2м меѓу секој патник, а секој автобус ќе смее да превезува само 50% од вкупниот број места. Туристичките агенции ја поздравија владината одлука, велејќи дека се подготвени да стартуваат со работа.

-Ја поздравуваме одлуката на Владата за повторно воведување на меѓуградските линии во Тетово. Добро ја дочекавме веста, бидејќи во Тетово и околина веќе 3 месеци е укинат јавниот превоз. Ние како агенција имаме линија Тетово-Гостивар, ги поседуваме сите економски и човечки ресурси и сме подготвени за ставање на функција на овие линии-вели Рамадан Иљази од Идо Турс.

На 18 април, Кризниот штаб предложи во општината да се укине јавниот и меѓуградскиот превоз. Ваква одлука беше донесена и за Прилеп и Куманово. Откако во овие два града повторно беа вратени редовните линии, Тетово остана единствениот град без превоз. И покрај тоа што Кризниот штаб на Тетово, побара пуштање на меѓуградскиот превоз, во неколку наврати наиде на глуво уво. Иако во Тетово сѐ уште не функционира јавниот превоз, ваквата одлука го оневозможува сообраќањето на комбињата.