По 10 години комплетно се чистат каналите и езерцата во Градскиот парк

Екипите на Град Скопје и на јавните претпријатија „Улици и патишта“ и „Паркови и зеленило“ спроведуваат акција за комплетно чистење на каналите и на езерцата во првиот и во вториот дел од Градскиот парк, што не се исчистени околу 10 години.

Деновиве се чисти каналот што носи вода до езерото во првиот дел од Градскиот парк. Во акцијата се отстрануваат насобраните лисја, милта, наносите од земја и отпадоците, за да може езерцето да се наполни со вода. Се чисти и каналот што носи вода до целиот езерски систем во паркот. Како дел од овие активности се отстрануваат и исушените и искршени гранки на околните дрвја кои претставуваат опасност за посетителите на паркот.

Активностите за чистење на каналите и на езерцата во Градскиот парк ќе продолжат и во наредниов период. Град Скопје апелира до граѓаните да не фрлаат отпадоци во каналите и во езерцата и да ја одржуваат хигиената на зелените површини во паркот.

©TV21.TV Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира!