Пендаровски го додели мандатот и замина – Заев верува дека нема да ја има судбината на Груевски

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ


Сѐ уште не се знае кое е новото парламентарно мнозинство. Во Собрание сѐ уште не е избран новиот претседател. Но, и покрај тоа, шефот на државата Стево Пендаровски, го додели мандатот на предводникот на коалицијата „Можеме“, Зоран Заев за формирање на новата Влада.

Ова беше сѐ што кажа Пендаровски. Му го довери мандатот на Заев, и како никогаш досега, откако Заев заврши со својот говор, шефот на државата ги избегна новинарските прашања, оставајќи го да одговори лидерот на социјалдемократите.

Деновиве имаше доста широка дебата, особено меѓу Претседателот Пендаровски и собранискиот спикер во заминување, Талат Џафери, околу тоа дали мандатот за формирање Влада може да се додели без претходно да се знае која партија или коалиција го има парламентарното мнозинство и кој е новиот претседател на Собранието.

И можеби токму поради оваа дебата, во својот говор Заев истакна дека му е чест и одговорност што го добива мандатот согласно Уставот. Дури рече дека не е неопходно собранискиот спикер да ги извести пратениците, бидејќи тие ќе дознаат од медиумите кој го добил мандатот.

Во рок од 20 дена почнувајќи од денеска, Заев рече дека има задача да создаде програма и кадри кои ќе бидат гласани во Собрание за 4-годишниот мандат на стабилна Влада која ќе се грижи за сите, ослободена од национализам.

Но, и покрај овие ветувања, лидерот на социјалдемократите и понатаму не открива со која партија или коалиција обезбедил 61 пратеник кои би гласале за Владата „Заев 2“. Лично, очекува Владата да се формира побрзо од 20 дена и дека нема да ја има судбината на Груевски во 2016-тата, кога не успеа да формира Влада.

Според Членот 90 од Уставот, мандатарот во рок од 20 дена, од денот на доверување на мандатот, до Собранието мора да ја претстави програмата и да го предложи владиниот состав.