Паушал за струја во ГТЦ Скопје?! – Без лиценца препродажба на струја за речиси двојна цена

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Дуќанџиите во Гратскиот трговски центар во Скопје иако имаат броила за електрична енергија, сепак плаќаат паушално. Ниту ги виделе броилата, ниту пак знаат точно колку струја потрошиле. Трговскиот центар, кој е акционерско друштво, нема лиценца за вршење енергетска дејност. Од Регулаторната комисија го потврдуваат тоа, додавајќи дека начинот на уредување ги носат самите центри.

„Регулаторната комисијата за енергетика нема што да навлезе во тоа, единствено постои мож ност ГТЦ, City Mall и останати трговски центри и други индустриски комплекси кои се приклучени на дистрибутивната мрежа како Македонка Штип, МЗТ Енергетика да добијат статус на затворен систем за дистрибуција, ама тоа е право на сопственикот на таа мрежа“, истакна Марко Бислимовски.

Контактиравме и со ГТЦ кој издава фактури за потрошела струја, од каде велат дека овој начин на функционирање не е нов, додвавајќи дека тие само вршеле услуга – префактурирање.

„Електричната енергија во фактурите на дуќанџиите се префактурира врз основа на потрошена електрична енергија регистрирана преку контролни броила за секој дуќан посебно. Ваквиот начин на функционирање на објектот не е новина во фактурите на дуќанџиите, а особено што истата воопшто не е сменета последните 10-ина години. Согласно Законот за енергетика, ГТЦ А.Д. – Скопје не е лиценциран дистрибутер и снабдувач со електрична енергија, туку само врши услуга – префактурирање на електрична енергија на корисниците приклучени на електроенергетски објект на ГТЦ А.Д. – Скопје“.

Вака изгледа една од фактурите кои ги издава ГТЦ на дуќанџиите. На истата покрај останати режиски трошоци, фактуриран е и изност за потрошена електрична енергија. Потрошени се 540 kWh од две броила, односно 5.282 денари вкупно. Единечната цена за потрошен 1kWh (еден киловат час) 8,2 денари.

Но, доколку ГТЦ, како што тие тврдат, врши само префактурирање, зошто тогаш на дуќанџиите им наплаќа речиси двојно поголема сума, од со која ја набавува струјата од компанијата Енерџи Активе. Сумата која ГТЦ ја наплаќа за потрошен 1KWh е повисока и од останатите цени кои се пропишани на веб страницата на Регулаторната комисија за енергетика. Пример на ЕВН Македонија, просечната цена е 4,73 денари за 1 KWh.

Струјата ГТЦ ја набавува преку јавна набавка. Последната е реализирана на 15.11.2019 во вкупна вредност од 863.415 илјади евра. Се обидовме да контактираме  со Енерџи Активе која го добила тендерот, за да направиме споредба, која е цената која тие ја продаваат електричната енергија и цената која потоа ја продава ГТЦ на дуќанџиите.

Но, компанијата нема ниту веб страница, ниту телефонски број. На еден број на кој наидовме, не се јавуваше никој.

Но, ТВ21 дојде до договорот склучен на крајот од 2019 година, меѓу ГТЦ и Енерџи Активе. Таму е јасно напишано, дека цената во времетрањето на договорот е фиксна, односно непроменлива и изнесува 4.280 денари по MWh без вклучен ДДВ.

Што значи, 1 KWh би чинел 4,28 денари, а не 8,2 денари како што е наведено во фактурите кои ги издава ГТЦ.

Сите системи во трговските центри си имаат своја потрошувачка, а начинот на уредување, правата и обврските си ги определуваат сами со нивните корисници, велат од Регулаторната комисија.

Од таму додаваат дека може да се поднесе барање за затворен систем за дистрибуција, што е право на сопственикот на мрежата, но такво барање досега имала испратено само државната Електрани на Северна Македонија.