Османи бара лидерска кај претседателот Пендаровски – државен консензус пред старт на преговорите со ЕУ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Деновиве се очекува Европската комисија да ја финализира нацрт-верзијата на преговарачката рамка за Северна Македонија. Истата ќе им биде доставена на земјите-членки на разгледување. Но, пред земјата да го почне преговарачкиот процес, вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, бара државен консензус меѓу сите партии, со цел постигнување едногласни државни ставови.

-Го повикувам Претседателот на државата и политичките партии да седнат, да си подадат рака за државен договор за заеднички пристап во преговарачкиот процес. Моментот е изборен, бидејќи сме на 1 ден од објавувањето на предлог-преговарачката рамка, процес кој ќе помине низ процес на усогласување со земјите-членки, но и во пресрет на првата меѓувладина конференција на која треба шефот на државната делегација да излезе пред ЕУ и да ги изнесе државните позиции, а не политичките или позициите на некоја институција-рече Пендаровски.

Претседателот Стево Пендаровски е подготвен да свика средба, ако има согласност од сите лидери.

-Во однос на прашањата кои се од стратешка важност за државата, како на внатрешен, така и на надворешен план, претседателот е подготвен да свика лидерска средба, доколку за тие прашања има согласност од политичките партии. Но, во овој период главниот фокус е ставен на справување со кризата предизвикана од пандемијата на КОВИД-19 и утврдување на термин за предвремените парламентарни избори-велат од кабинетот на Пендаровски.

Вицепремиерот денеска исто така побара враќање на парламентарните тела, Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања, кои во моментов не функционираат поради тоа што Собранието е распуштено. Истовремено, Османи апелира и опозицијата да биде дел од преговарачкиот процес, но не само преку Парламентот, туку така што ќе биде дел од структурата. Се очекува драфт-верзијата за преговарачката рамка да биде проследена со мини-извештај за состојбата со напредокот на земјата и да им биде доставен на амбасадорите на земјите-членки познати како Корепер.