“Граѓаните не ги болат парите за интернет, а кога станува збор за електричната енергија реагираат. Не треба да се споредува цената на струјата со просечната плата во нашата земја“. Ова се некои од одговорите на МЕПСО од каде реагираа во врска со незадоволството на граѓаните за поскапувањето на струјата.
„За жал, во одредени сегменти на нашето општество се уште постојат предрасуди и за најмала промена на цената на електричната енергија; дел од критичарите на цената на електричната енергија, во исто време, за мобилен телефон со интернет забава се подготвени да издвојат и значајни износи, често и далеку повисоки од сметката за електрична енергија. Понатаму, како висока сметка за електрична енергија се третира и сметка кога, оваа најскапа енергија, се користи за загревање на цела куќа или голем стан“, велат од МЕПСО.
Од ЕВН за ТВ21 велат дека новите тарифи кои се одредени за делот на ЕВН, се намалени во споредба со претходните.
„Пресметките за трошоци на ЕВН приложени до Регулаторната комисија за енергетика се реални, валидни и поднесени согласно законската обврска. Новоутврдените тарифи што се однесуваат на делот на ЕВН, се намалени во однос на претходните. Зголемувањето на цената за крајните корисници главно се должи на трошоците на државните компании, кои исто така се изјаснија дека се реални и валидни. Оттука, не е на компаниите да ја коментираат изјавата на Регулаторна комисија за енергетика“, велат од ЕВН.
И од ЕСМ како и двете гореспоменати компании велат дека нема да бараат намалување на цената на електричната енергија од РКЕ.
По протестите кои се одржаа во четвртокот против одлуката на РКЕ, претседателот на оваа комисија Марко Бислимовски рече дека ќе ја повлече одлуката за поскапувањето доколку тоа го побараат енергетските компании како МЕПСО, ЕВН и ЕЛЕМ. Меѓутоа од овие компании велат дека такво нешто не е можно бидејќи со заработката што ја имаат не можат да ја реализираат работата и планираните инвестиции. И по протестите од четвртокот, во текот на викендот имаше реакции од граѓаните.
И ССМ побарал РКЕ уште еднаш да ја анализира и поништи оваа одлука. Во спротивно оценија дека треба да се зголемат платите и пензиите за 7,4%. Меѓутоа од Организациониот одбор на протестите “Доста е“ велат дека ќе ги радикализираат протестите доколку не се поништи поскапувањето на струјата во рок од 10 дена. Инаку според меѓународната институција Еуростат, РСМ е четврторангирана во Европа по цената на електричната енергија во однос на просечната плата.