Од понеделник влез во земјава без PCR тест и карантин!? Бројот на новозаболени ќе ја донесе одлуката за границите

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Приложувањето на негативен PCR тест направен во последните 72 часа , како и изјавата за самоизолација од 14 дена, од понеделник најверојатно ќе биде укината, а влезот и излезот од нашата држава ќе бидат без услови.

Пресудно за оваа одлука ќе бидат бројките на новозаразени лица, а викендов Владата ќе одлучува по предлогот на Комисијата за заразни болести.

„Тоа што ќе го дискутираме за време на викендот се анализите на последните бројки на новозаболени и нивните контакти и релациите во рамките на кластерите и помеѓу кластерите тоа ќе ни покаже каде сме во овој момент на епидемиолошката крива, тоа ќе ни покаже што може да очекуваме и R0 факторот на преносливост и само врз тоа ќе носиме одлука.“, рече Филипче.

Со отворањето на границите во целиот регион, посочи министерот, карантините ја губат смислата заради тоа што веќе ќе има слободен проток на граѓани, возила итн.

„Отворањето на границите е нешто што бара регионална координација на сите земји во регионот. Проценката е дека сите имаме сличен или ако не ист епидемиолошки ризик, исти карактеристики за време на првиот бран и временски во однос на интензитетот и со очигледно исти карактеристики, само што ние сме први кои изреагиравме. Но, многу е битно да имаме координација за да се следат сите контакти доколку тоа е потребно. Ние ќе разговараме за отворање на границите за време на викендот и одлука ќе донесеме на почетокот на следната недела.“, изјави Филипче.

Филипче додава дека на секои два три дена има билатерални контакти и телефонски разговори со сите министри за здравство од соседните земји како Грција, Бугарија, Албанија, Косово, Србија со цел да ги споделат искуствата, динамиката на одвивањето на новооткриени случаи.

Во врска со тоа како ќе се третираат членовите на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР кои треба да пристигнат во земјава за да ги набљудуваат претстојните парламентрани избори, Филипче истакна дека за сите наши или странски граѓани кои ќе доаѓаат од надвор ќе важат истите протоколи и нема да има никакви исклучоци.

Останува одредбата во протоколот која пропишува дека може да се транзитира низ нашата држава што подразбира влез на еден граничен премин и излез на друг со обврска при транзитот да не се излегува од соодветниот автопат или локален пат и тој да се реализира во рамките на најмногу 5 часа што се потврдува со изјава која странските државјани треба да ја пополнат на влез, а на излез треба корисникот да ја предаде на граничната полиција со цел да се контролира времетраењето на транзитот.