Ниту еден лидер на друга партија не дојде – Ахмети разочаран, веќе нема да свикува албанска тркалезна маса

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Ги покани сите лидери на албанските политички партии. Но, никој од нив не дојде на свиканата средба. По 20-минутното чекање, лидерот на ДУИ, Али Ахмети ги покани на масата да седнат новинарите. 30-тина минути им зборуваше за целта на ваквата иницијатива, па откако им објасни на новинарите, истото го повтори и пред камера.

„Изразувам жалење и длабоко разочарување поради тоа што не дојдоа албанските политички парламентарни партии на толку важен и историски ден, 13 август, денот на Охридскиот договор“, истакна Али Ахмети.

Ахмети вели дека ги поканил лидерите за да им се заблагодари за унапредувањето на статусот на Албанците, а не за да ја добие нивната поддршка за идејата за премиер Албанец. Како што вели, веќе нема да свикува тркалезна маса.

Али Ахмети: „Не ги повикавме политичките партии за да ја поддржат платформата и нашата идеја. Ги повикавме за да станеме дел од натамошните одговорности во нашата земја“.
Н: Дали ова значи дека нема повторно да организирате албанска тркалезна маса?
А.А.: Сега нека ја свикаат оние кои не дојдоа. ДУИ свика средба, а тие не дојдоа.

Тој ги демантираше сите изговори на лидерите на албанските партии – дека средбата не била свикана навреме и дека немало прецизиран дневен ред.

„Пред повеќе од една недела испратив покана до парламентарните партии, и тоа со дневен ред. Не е оправдување времето или некаков недостаток што тие не нашле време за да ги направат потребните анализи. Јас не можам да изготвам политичка платформа околу тоа како ДУИ гледа на нештата, туку на тркалезната маса треба да се одредат темите за кои тие сакаат да разговараат“, посочи Али Ахмети.

Пред неколку дена свиканата средба ја коментираше и лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Како што рече, со овој чекор ДУИ се обидува да изврши притисок за премиер Албанец. Алијанса за Албанците, Движењето Беса и Алтернатива рекоа дека ќе присуствуваат на средбата, но побараа нов датум со прецизиран дневен ред. Само ДПА не се произнесе околу нејзиното учество на средбата.