Ниту денеска нема предлог за новата Влада – Заев: Влада откако ќе се изберат новите пратеници

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

И покрај тоа што беше најавено, предлог за Влада ниту денеска нема да се достави до Собрание. Според тоа што го најави мандатарот, Зоран Заев, предлогот за состав на Владата и владината програма ќе биде доставени до Собранието, откако законодавниот дом ќе ги избере своите потпретседатели и новите пратеници, откако некои од пратениците ќе ја напуштат функцијата.

Прво парламентот мора да го утврди бројот на потпретседателите во Парлаемнтот и уште некои други одлуки, а исто така треба да го верифицира мандатот на следните пратеници кои доаѓаат од листите. Штом заврши Собранието со сите овие претходни постапки, веднаш ќе го доставам предлогот за Влада и владината програма до Парламентот.

Но, дали фактот што Заев не го доставува предлогот за Влада е резултат на внатрепартиските судири кај коалициониот партнер, ДУИ? Заев немаше одговор по ова прашање.

Без разлика на тоа, потпретседателот на социјалдемократите, Дамјан Манчевски, вели дека до следната недела ќе имаме функционална Влада.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и денес ја критикуваше владејачката коалиција. Пратеникот Тимчо Муцунски не сака да прејудицира за времетраењето на владата, но вели дека новата коалиција нема да ги реши проблемите на граѓаните.

Инаку, Собранието ќе мора да избере нови пратеници бидејќи некои од претходните беа предложени за министри од редовите на СДСМ. Измени има и во парламентарната група на ДУИ. Пратеникот Флорин Бесими најави дека ќе даде оставка за да избегне судир на интереси за време на гласањето на новата Влада каде неговиот брат, Фатмир Бесими е предложен за министер за финансии. И претходно имало случаи кога пратеници биле избрани и за министри, а сите овие постапки завршија на истата седница и не претставуваат проблем за доставување на предлогот за новата Влада.