Николовски за Димовска и скандалите: „Ако не поднесе оставка, јас ќе побарам да биде разрешена“

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Ако не си поднесе оставка ќе барам од Владата и Управниот одбор на агенцијата Димова да биде разрешена. Ова во вчерашниот магазин Клик плус на ТВ21 го најави вицепремиерот за борба против корупција и криминал Љупчо Николовски откако во јавноста беа објавени сомнителни доделувања грантови од европски пари, а работата на агенцијата беше ставена под истрага не само од домашни институции, туку и од самата Европска комисија.

„Лидија Димова можеби е на став дека не треба да поднесе оставка, јас имам друго мислење. Ќе побарам политичка одговорност односно барање за оставка од директорката на оваа агенција и паралелно целосно расчистување на случајот и утврдување на вистината што се некој друг вид на постапки кои што ги тераат останатите органи.“, изјави Николовски.

Неколку пати ја контактиравме Димова за коментар околу најавите на Николовски за нејзино барање оставка или разрешување, но таа секогаш тврдеше дека во моментот е многу зафатена и не може да зборува. Димова на прес конференцијата што ја одржа во вторникот рече дека нема да поднесе оставка како што тоа го бара ВМРО-ДПМНЕ.

„Опозицијата, ВМРО-ДПМНЕ инсистира јас да дадам оставка, јас ќе морам да ги разочарам ќе кажам дека оставка немам намера да давам. Јас ќе останам во оваа Агенција се до моментот додека не се разреши вистинската дилема а тоа е дилемата околу што се случи со 2,2 милиони евра кои се проневерени во времето на поранешното раководство.“, рече Димова.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека најавите за оставка или разрешување на Димова е само театар од власта. Иако Николовски најави дека постапките ќе продолжат во истрага на случајот, сепак опозицијата бара Јавното обвинителство да отвори случај.

„Лидија Димова влезе во низа од скандали кои достигнуваат огромни суми на пари, а сепак нема ниту еден отворен случај, ниту од Јавното обвинителство, ниту е повикана да биде сослушана ниту ништо.“, рече Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку, во врска со шпекулациите дека дел од европските пари за одредени проекти добивале и некои членови и личности поврзани со партиски имиња од СДСМ но и дека близок роднина на актуелната министерка за труд и социјала Јагода Шахпаска бил одбиен за субвенции, Николовски вели дека владата ќе работи транспарентно и без оглед за кого се работи ќе има воспоставување на највисоки стандарди на етичко однесување во сите институции.