Нема нов случај на заболен од корона вирус во нашата држава

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Во изминатото деноноќие не се тестирани нови пациенти од корона вирус и до овој момент нема нов случај на заболен од овој вирус во Македонија.

„Единствената пациентка позитивна на вирусот „Ковид 19“ е во добра здравствена состојба. Таа се лекува во одделот за изолација, под постојан мониторинг на стручниот лекарски тим според сите здравствени протоколи на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје“, велат од Министерството за здравство.

Останатите патници кои биле во комбето со единствената пациентка позитивна на корона вирус и лицата со кои тие оствариле непосреден контакт остануваат во домашна изолација.

Во моментов нема македонски државјани заразени од овој вирус, ниту пак македонски државјани кои се под карантин во Италија.

Македонија ги спроведува препораките на Светската здравствена организација за заштита од корона вирус.

„Нема простор за паника, апелираме до граѓаните да ги применуваат мерките за хигиена, како што се избегнување близок контакт со лица кои имаат респираторни симптоми, кашлање, кивање, почесто миење раце со сапун и топла вода, да се стави маска доколку во близина има лице со симптоми на респораторно заболување“, додаваат од Министерството за здравство.

Во текот на утрешниот ден, министерот за здравство Венко Филипче ќе го одржи редовниот брифинг за состојбата со корона вирусот во земјата.