Мухамед Зеќири со обвинувања до Арбр Адеми – екс министерот возврати „Дежурен провокатор кон ДУИ“

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

„Министерството за образование од минатиот мандат покажало негрижа за почетокот на новата учебна година, а министерот Адеми повеќе се занимавал со кандидатурата за пратеник отколку со прашањата за образование. Овие обвинувања на адреса на Адеми ги изнесе синоќа во емисијата „Click Plus“ потпретседателот и пратеник на СДСМ Мухамет Зекири. Со ова тој сакаше да ја оправда  неговата сопартијка Мила Царовска за состојбата во која се наоѓа образованиот систем.

„Тогашниот министер беше и кандидат за пратеник, носител на листа, верувам дека и се посветил повеќе на кампањата отколку на работата како министер и тука јас гледам дека е можеби проблемот, не е работено од почеток. Министерката, знаете од пред еден месец е на оваа функција и веднаш се посвети на работата за добар почеток на учебната година“, рече синоќа во „Click Plus“ Мухамед Зеќири.

Екс министерот за образование, Арбр Адеми, на тоа гледа како недостиг на информации. Тврди дека до последната минута кога бил министер, се ангажирал за начинот на организирање на наставниот процес. Адеми го нарече Зекири дежурен провокатор.

„Не ја разбирам причината зошто ја презема улогата на дежурен провокатор кон ДУИ и во овој случај кон мене. До последниот ден, минута додека раководев со МОН максимално бевме ангажирани за квалитетот на образованието и начинот на организирање и реализирање на наставниот процес и за учебната година која почнува денеска“, рече денеска во „10 минути“ на ТВ21, Арбр Адеми – екс министер за образование.

Причината поради која учебната година започна со еден месец задоцнување, како што појаснува Адеми, се препораките на здравствените институции настава да не почне на 1 септември и недостигот на законска основа. Уредбите со законска сила на Владата важеа само додека траеше вонредната состојба која заврши во јуни. Законите за основно и средно образование беа донесени по изборите, од новиот парламентарен состав.