Молитва во Тетово, но не и во Порој – Абази: Ги штитиме верниците од пандемија

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Утринската молитва повеќето муслимански верници од регионот на Тетово ја дочекаа дома, а молитвата за Курбан Бајрам, во џамија. Со заштитни мерки и дистанца, повеќето на отворено. Но, муфтијата на Тетовското муфтиство Ќани Несими со апел им се обрати на верниците од Шарената џамија во Тетово да ги избегнуваат домашните посети кај блиските и да ги почитуваат препораките од здравствените организации.

„Сите верници ќе треба да си ја освежат верата дека треба да се заштитиме од оваа болест која е пандемија, треба да одржуваме дистанца и да носиме маски, да одржуваме хигиена и доколку се сретнеме за Бајрам тоа да биде на дистанца и да не одиме на гости кај роднините и на тој начин да се заштитиме себеси и другите“, истакна Ќани Несими.

И овој Бајрам не се одржа молитва во џамијата во селото Порој. Оџата Максут Абази смета дека тоа е ризик за верниците и според него ИВЗ се уште не е реформирана и не работи во интерес на верниците.

„Затоа ние донесовме ваква одлука да не се отворат вратите на џамијата и да се собираат поради најавите кои доаѓаат од СЗО дека вториот бран е неизбежен но барем да се заштитиме. Реформите кои се полнати во ИВЗ ќе се завршат со успех и верувам дека на чело на оваа заедница ќе дојде достоен човек, вистински верник, одговорен и свесен со чисто минато“, вели Максут Абази.

Според Несими одлуката за неотворање на џамијата ја донел советот на џамиите и тоа не е спротивно деловникот на ИВЗ.

„Ништо не е надвор од деловникот на ИВЗ но и на Тетовското муфтиство, околностите на одредени места се различни и според нив советот на џамијата заедно со имамот одлучија“, додава Ќани Несими.

И за време на молитвата за Фитр Бајрам и покрај пандемијата, џамиите беа отворени со посебни препораки но молитва не се одржа во две џамии во Тетово.