МНР нема да реагира за изјавата на Каракачанов – „Ова е предизборна изјава“, смета Османи

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

„Доколку е потребно ќе им испратиме и инженерски полк за да ги отстраниме спомениците кои не се поврзани со историски факти“, изјави Красимир Каракачанов – министер за одбрана на Бугарија.

Оваа изјава на бугарскиот министер за одбрана е резултат на тоа што нашиот источен сосед се наоѓа во предизборие, па затоа Северна Македонија не треба да стане дел од внатрешниот дискурс во Бугарија, реагирајќи службено или пак со протестна нота, вели министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

„Мислам дека не треба да бидеме дел од внатрешниот, политички и предизборен дискурс во Р.Бугарија. Целта на овие изјави е токму тоа – нашите реакции да се искористат во рамките на амбиентот на предизборната кампања во Бугарија. Мислам дека ова ниту ни служи нам, ниту на меѓусоседските односи, а ниту пак на она што треба да го постигнат заедно двете земји“, Бујар Османи – Министер за надворешни работи.

Првиот вицепремиер Артан Груби вели дека ваквите изјави се од минатиот век и за нив нема место во овој век на интеграции. 

ВМРО-ДПМНЕ бара на ваквите изјави да реагира Владата преку МНР.

ТВ21 побара став и од НАТО, во врска со изјавата на министерот за Бугарија која е земја-членка на Североатлантската алијанса, но до овој момент не добивме одговор. Изјавата на министерот Каракачанов следува по постојаните тврдења на некои бугарски функционери дека нема да има почеток на преговорите меѓу Скопје и Брисел без да се решат некои од прашањата за јазикот и историјата меѓу Северна Македонија и Бугарија, за што дури се најавува и вето од Бугарија во ЕУ.