Младински форум за бегалската криза и медиумското известување

Миграциската криза е едно од најважните прашања со кои се соочува Европа во моментот вклучувајќи ја и Македонија и потребно е да се зборува за тоа. Ставот на Вишеградската група и на Полска е дека со проблемот треба да се справуваме на терен во земјите кои се засегнати од кризата и цврсто стоиме на ова становиште.

Ова го изјави полскиот амбасадор во Република Македонија Јацек Мултановски кој се обрати на младинскиот форум насловен „Бегалците и мигрантите во новите медиуми во Југоисточна и Централна Европа“ што се одржува денеска во Скопје, во организација на здружението Млади инфо и Централноевропската иницијатива со поддршка на Вишеградскиот фонд.

– Во Полска нема мигранти и Полска не ја поддржува идејата за реалокација на бегалците и мигрантите, рече Мултановски и додаде дека целата поддршката на финансирањето на овој форум е да се воспостават контакти меѓу Полска, односно земјите од Вишеградската четворка, и регионот за градење дијалог по прашањето на миграцијата и бегалците особено меѓу младите оти само преку дијалог се можни резултати.

Една од учесничките на форумот е и Ана Албот од иницијативата „Марш за Алепо“ која започна во Берлин и на која досега и се приклучиле 3.000 луѓе од 27 земји од Европа.

– Нашата цел преку овој мировен марш е да означиме еден проблем – војната во Сирија и да се обидеме да ги разбереме нештата што се случуваат на терен, како и да покажеме дека младите луѓе се грижат за се она што се случува во светот, вели Албот која е Пољакина, а живее во Берлин.

Посочи дека во моментов луѓето кои се дел од иницијативата се на границата на Босна и Херцеговина со Србија, а ќе поминат и низ Македонија каде што ќе престојуваат две недели.

На турско-сириската граница која е нивната крајна цел очекуваат да пристигнат на средината од август месец, но наведуваат дека се ќе зависи од состојбите на теренот кои се променливи.

Ана Алибегова, директор на Програмата за развој на Млади инфо, истакна дека на форумот учествуваат 60-ина млади луѓе, истражувачи, новинари и активисти од повеќе земји од Централна и Источна Европа.

– Целта е да се споделат искуствата од работата како новинари во новите медиуми на терен со мигрантите и бегалците, како и своите животни приказни бидејќи дел од нив се со мигрантско потекло, рече Алибегова.

На дводневниот форум ќе бидат изработени препораки како подобро да се промовира разноликоста и како новите медиуми да известуваат за мигрантите и бегалците.

Во рамки на форумот ќе биде претставена изложба од 30 фотографии на тема „Разноликост“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here