Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ останува против законот за ЈО – текстот не ги содржи забелешките на експертите

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска изјави дека остануваат на ставот против законот за јавно обвинителство и обвини дека власта со сила наметнува законски решенија кои се спротивни на Уставот, на европските вредности и на интересите на македонските граѓани.

Тој оцени дека предложениот закон за ЈО на Владата, не ги содржи забелешките на експертите и повторно побара веднаш да создаде тим од експетри кои ќе го подготват текстот на законот и тој да се изгласан од следниот парламентарен состав, бидејќи, како што рече, целта е да се донесе квалитетен закон.

Според него, предлог законот за ЈО е спротивен на Уставот, и е монархистички бидејќи, како што рече, се менува членот за изборот на државни јавни обвинители, односно за ОЈО за организиран криминал, со Законот се овозможува амнестија за Заеви, за членови на неговата влада, како и амнестија за помал дел од поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, односно оние кои, вели, се во негово заложништво.

-Со новиот закон се устоличуваат Русковска и Јовески кои му требаат на Заев да продолжат да ги споведуваат неговите наредби. На секој правник му е јасно дека станува збор за противуставен закон со кој се спроведува селективна правда, рече Мицкоски укажувајќи и на незаконитоста околу барањето за начинот на избор на државен јавен обвинител.

И за нив главен проблем е, рече, членот 110 со кој се предвидува амнестија и дека тие се против амнестија. ВМРО-ДПМНЕ, рече тој, се залага за апсолутна правда, а Уставот мора да важи за сите подеднакво. Ги повика останатите партии да имаат заеднички став да не го гласаат овој закон и се што е јавен интерес да биде дел од законската постапка.

-Бомбите да важат за сите или да не важат. Ваквиот закон нема врска со европските вредности туку со Зоран Заев и неговото бегство од правда. Согласно праксата на ЕСЧП не може бомбите за едни да важат а за други да не важат, кажа Мицкоски.