Мицкоски повика на протест за правда – Милошоски повикан во ЈО да ги предаде снимките

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски побара одговорност од поранешниот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев по вчерашната објавена аудиоснимка на кој тој зборува за Законот за јавно обвинителство и Врховниот суд. Откако минатата недела Заев организираше марш за правдата и Мицкоски го повика членството и сите граѓани утре на протест во 18 часот кој би почнал пред Обвинителството а би завршил пред Врховниот суд.

„Значи освен премиер бил и судија, но и обвинител. Заспаното обвинителство за сето ова молчи. Молчи затоа што е во скутот на истиот кој диктира пресуди и ја убива правдата. Иако сите надлежни молчат, ВМРО-ДПМНЕ и народот нема“, истакна Христијан Мицкоски.

Заев денеска не се огласи, а вчера рече дека снимките на Милошоски покажуваат зошто беше потребно усвојување на Законот за јавно обвинителство, а дека снимките се од времето кога предметите на СЈО беа под закана.  Од СДСМ велат дека токму тие со донесувањето на Законот за јавно обвинителство, го ослободуваат правосудството од политички влијанија.

„Стравот и паниката од одговорност на ВМРО-ДПМНЕ ескалираа. Аберот од Будимпешта пристигна. Христијан Мицкоски, извршителот на Груевски утре ќе маршира за неправда. Откако не им успеа обидот преку блокади, закани и уцени во Собранието да го закочат процесот на Законот за јавно обвинителство Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ сега ќе протестираат против правдата“, додаде Костадин Костадинов.

Откако вчера Антонио Милошоски ги објави аудиоснимките на која се слуша гласот на Заев, тој е повикан од Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција утре да ги предаде снимките. Од Обвинителството велат дека ќе бидат анализирани снимките за да се утврди дали може да бидат користени во носење на јавно-обвинителска одлука.