Мирен ден во Тирана по синоќешните протести – петтмина полицајци во болница, приведени 20 лица

Денешниот ден во Тирана помина мирно по синоќешниот протест на кој имаше неколку инциденти. Протестот синоќа заврши со обраќање на лидерот на опозициската Демократска партија Љуљзим Баша и со пеење на албанската химна. Имаше и скандирана Рама оди си. Протестот кој траеше околу четири и пол часа, според Баша е најмасовен во историјата на земјата. Инаку, протестот беше преполн со тензични ситуации, прво со пробивање на полицискиот кордон пред Владата, а потоа пред Парламентот. Од пиротехнички средства и тврди предмети фрлани кон полицискиот кордон повредени се петмина полицајци. Пренесени се во Универзитетската клиника. Едниот од нив е со изгореници на лицето. Демонстрантите пред Парлементот уништија повеќе излози на дуќани, а запалија и едно возило и повеќе контејнери за отпад.

Полицијата освен солзавец употреби и водени топови. По завршување на протестот приведени се најмалку 20 лица.