Мирчевски: „Македонско село“ е непродуктивна инвестиција на поранешната власт, за неговата иднина ќе одлучи Владата

Директорот на службата за општи и заеднички работи на Владата, Пеце Мирчевски денеска даде изјава по повод затворањето на комплексот „Македонско село“ кој што е во партнерство со Владата. Мирчевски истакна дека овој проект бил направен од поранешната власт, и дека менаџментот од другата страна се откажува, и ќе ги плати сите „пенали“ кои следуваат согласно од договорот.

„Денеска во името на службата за општи и заеднички работи на Владата на РМ, како орган кој го има склучено договорот за јавно партнерство со комплексот „Македонско село“, имав средба со претставниците на менаџментот на компанијата Тинекс МТ дооел Скопје и Квинс Хотел доо Скопје. Претставниците истакнаа дека стојат на ставот истакнат во соопштението дека еднострано го раскинуваат договорот, поради, како што не известија: „Работење исклучиво со загуба“. Претставниците на менаџментот ме известија дека се свесни за правните обврски кои произлегуваат од договорот, а тоа подразбира активирање на гаранција во износ од 2.690.409 денари, односно 43.000 евра и подмирување на киријата за следните шест месеци. Сакам да ја информирам јавноста дека комплексот „Македонско село“ е инвестиција на Република Македонија, одлуката за овој неодржлив проект ја има донесено Владата на Република Македонија потпишана од поранешниот премиер Никола Груевски. Притоа од парите на граѓаните за оваа непродуктивна инвестиција се издвоени 6.5 милиони евра со цел комплексот да биде ставен во функција. Ако се имаат во предвид сите трошоци околу комплексот, преку едноставна пресметка може да се заклучи дека граѓаните ќе може да си ги повлечат потрошените пари после 150 години. Службата за општи и заеднички работи на Владата на следната седница ќе достави информации околу целокупната постапка, и потоа Владата ќе донесе одлука што ќе прави понатаму со овој комплекс“, рече Мирчевски.