Меркел од Атина: Да се забрза ратификацијата на договорот од Преспа

Германската канцеларка Ангела Меркел е во дводневна посета на грчката престолнина. Освен да ја убеди Атина да го забрза усвојувањето на Преспанскиот договор за името на Македонија и да ги поттикне грчко – германските односи, во време кога земјата излезе од мониторинг – програмите на европската тројка, исто така на Грција ѝ однесе и пакет економска помош, во знак на поддршка кон премиерот Алексис Ципрас.

На Грција ѝ се заканува политичка криза, по заканите на коалицискиот владин партнер, Панос Каменос. Тој има мнозинство од 151 глас во Парламентот од вкупно 300 пратеници и вели дека ќе ја напушти коалицијата доколку договорот пристигне во законодавниот дом во наредните месеци.

Берлин бара Атина и Скопје да го затворат договорот, со што на Македонија ќе ѝ се  отвори патот за евроатланска интеграција.

Најновите анкети повеќе од кога и да било се во полза на опозицијата Нова Демократија. Оваа партија постојано потенцира дека нивниот глас ќе биде „против“, доколку договорот пристигне во Парламентот на средината на јануари.

Инаку, Меркел во Атина пристигна во попладневните часови, а предвидени се средби со државниот врв, но и бизнисмените.

Повеќе од 2.000 полицајци се ангажирани за одржување на безбедноста, а предвидени се и дополнителни безбедносни мерки, како затворање на метро станиците и пренасочување на сообраќајот во грчката престолнина.

РЕПОРТЕР: АФРОРА ГАРА