Конкурс за средношколците во Битола на тема Медиумска писменост и критичко размислување

Здружението ГАНИМЕД од Битола во изминатите две недели успешно ги спроведе седумте работилници, предвидени за 140 битолски средношколци од 7 училишта од Битола. Последната работилница се одржа на 1 ноемрви 2018 година заедно со дваесет ученици од СОЗУ „Кузман Шапкарев“. Главна цел на овие работилници е неформална едукација на младите средношколци за медиумска писменост, преку стимулирање на критичко мислење, плурализам на ставови и ширење на демократски вредности.

Учесниците по завршувањето на предвидените активности покажаа големо задоволство и си заминаа побогати со нови знаења и искуства. Иле Калиновски, ученик од четврта година во СОЗУ „Кузман Шапкарев“ го изјави следново: „Повеќепати сум присуствувал на работилници, но оваа денес посебно ми се допадна поради изборот на темата. Медиумската писменост е многу актуелна, а истовремено и важна тема бидејќи секојдневно сме опкружени со медиуми. Од голема важност е да бидеме правилно информирани. Денес одлично си поминав. Би сакал и во иднина да учествувам на слични настани“.

На оваа негова изјава, се надоврза ученичката Сара Сотировска, исто така ученичка во СОЗУ „Кузман Шапкарев“ велејќи: „Најголем впечаток од денешната работилница ми остави сесијата од која научив како да препознавам и разликувам лажни од вистински вести“.

Следна активност од проектот „Тема за дилема“ е распишаниот конкурс на тема Медиумска писменост и критичко размислување и тоа во две категории, најдобар слоган и најдобар цитат. Битолските средношколци кои сакаат да учествуваат на овој конкурс потребно е да изработат постер со слоган или цитат кој ќе промовира медиумска писменост или ќе поттикнува критичко размислување.

Конкурсот ќе трае до 6 ноември 2018 година, а може да се пријави секој средношколец од битолските училишта кои се соработници во проектот „Тема за дилема“. Најдобрите десет постери со слогани и цитати ќе бидат претставени на изложбата организирана по повод Недела на медиумска писменост. Овој настан е закажан за 9 ноември 2018 година во Porta Jazz со почеток од 12 часот. За најуспешните ученици следуваат симболични награди.

Овој проект го реализира Здружението ГАНИМЕД од Битола со медиумскиот партнер ТВ21 и е дел од проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“ кој е спроведуван од Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ и „Евротинк“ – Центар за европски стратегии. Проектот е финансиран од Европска Унија.

СОДРЖИНАТА НА ОВА ИЗВЕСТУВАЊЕ Е ЕДИНСТВЕНО ОДГОВОРНОСТ НА АВТОРИТЕ И НА НИКАКОВ НАЧИН НЕ МОЖЕ ДА СЕ СМЕТА ДЕКА ГИ ОДРАЗУВА ГЛЕДИШТАТА НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА.