Кому му одговара измена на изборните единици? – Несими: Добивка имаат сите албански партии

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Изборите на 12-ти април ќе се одржат со три несразмерни изборни единици, во кои бројот на гласачите ги надминува границите.

„Со измените на Изборниот законик од петокот, границите на изборните единици сега изгледаат вака: дел од општината Дебар, Маврово и Ростуша, од 6-тата ИЕ преминаа во 5-тата.

-Бројот на гласачите кои преминаа од ИЕ 6 во 5-тата е следниот: 18.657 избирачи од Дебар, 9.932 избирачи од општината Маврово и Ростуша.

-Ако во ИЕ 5 имаше баланс со -2.4, сега балансот е +3.9, а во Изборната единица број 6, каде несразмерноста беше повисока со +8.6, сега балансот е +2.4“.

Од ДИК велат дека предвремените парламентарни избори ќе се одржат согласно овие измени.

„Сега имаме разлика во ИЕ 2, каде имаме +6%, потоа во ИЕ 3, каде имаме -8.14%, во ИЕ 4 -6.61%. Изборите ќе се организираат согласно овие избирачи кои се распоредени во изборни единици“, истакна Дитмире Шеху.

Аналитичарот Роберт Несими за ТВ21 вели дека најголема несразмерност има во изборите единици со албански гласачи и го поздравува прекројувањето на границите, додавајќи дека требало да се избалансираат сите единици. Трансферот на гласачите, како што вели Несими, им оди во полза на сите албански партии.

„Во единиците 2 и 6 со најмногу Албанци има најголем дисбаланс. Во 3-тата и 4-тата воопшто нема Албанци и се помали од дозволеното со закон. Требаше да се направи измена. Мислам дека сите албански партии беа заинтересирани за ова“, вели Роберт Несими.

Како што објаснува Несими, оваа промена доаѓа како резултат на компромис меѓу албанските и македонските партии.

„Изборната единица бр.6, не е уредена како што треба, бидејќи повторно е поголема од ИЕ 5, иако е во рамките на законската граница. Во однос на ИЕ 2,3 и 4, тие воопшто не се допрени, што ме тера да размислувам дека станува збор за компромис меѓу македонските и албанските партии. Но за жал, и со овој компромис, повторно е прекршен Уставот, еднаквоста на гласот и законот“, додава Несими.

Инаку, Изборниот законик во Член 4 предвидува дека бројот на избирачите може да отстапува најмногу од минус 5 до плус 5% во однос на просечниот број на избирачи во Изборната единица.

До 12-ти март на полноќ партиите треба да ги достават изборните листи за шесте изборни единици за претстојните парламентарни избори кои треба да се одржат на 12-ти април, согласно роковникот кој го објави ДИК за активностите во пресрет на изборите.