Кој ќе го свика Собранието? – Џафери има три негативни тестови, но сѐ уште е на инфективна клиника

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Откако претседателот на Собранието Талат Џафери е со влошена здравствена состојба и веќе неколку дена е на Инфективна клиника се става под знак прашалник свикувањето на конститутивната седница на Собранието. И покрај тоа што трите тестови за корона вирусот биле негативни, тој и натаму е на болничко лекување, а како што тврдат од неговиот кабинет не се работи за тоа дека е заболен од Ковид 19, туку како што велат најверојатно се работи за исцрпеност. Со тоа станува неизвесно дали претседателот на Собранието Талат Џафери ќе ја закаже конститутивната седница. Иако Државната изборна комисија ги официјализираше изборните резултати, сепак од  кабинетот на Џафери за ТВ21 велат дека најверојатно ќе остане крајниот рок од 4 август.

„Тестовите кои претседателот на Собранието Талат Џафери ги направи за корона вирусот се негативни, но тој се уште се чувствува слабо и изнемоштено, веројатно и поради изборната кампања. Затоа се уште немаме информации кога ќе биде закажана конститутивната седницата на новиот состав на Собранието, но има време до 4 август кога е крајниот рок“, велат од Кабинетот на Талат Џафери.

Доколку Џафери сепак не биде во состојба да ја одржи седницата, во член 9 од Собранискиот Деловник е наведено дека тоа може да го стори највозрасниот пратеник од новиот состав, а тоа е Стојан Миланов.

„Доколку првата седница не ја свика претседателот, седницата се одржува на 21 ден од завршувањето на изборите, во 10,00 часот, а ја свикува најстариот по години избран пратеник. Ако и тој одбие да ја свика, тоа право преминува редоследно на наредниот по години избран пратеник, се до избраниот пратеник кој ќе се согласи да ја свика првата седница“, се вели во Деловникот на Собранието.

Поради неговата здравствена состојба останува неизвесно и неговото присуство во Крушево на 2 август, каде Џафери е предвидено да ја предводи делегацијата на централната манифестација на одбележувањето на Илинденското востание. За ова, велат од неговиот кабинет, ќе се знае до петок дали тој ќе замине во Крушево каде што е предвидено да одржи говор по повод 117 годишнината од Илинденското востание. Засега од владините служби не откриваат дали веќе е предвидено да има измени и кој би можел да го замени.