Кипар денеска ги отвора аеродромите, но само за 19 земји

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Под посебни правила, меѓу кои и претходно направен тест за Ковид-19 и со потпишана декларација, од денеска е дозволено патување на Кипар, но само за 19 земји, поделени во две категории.

Постепеното укинување на рестриктивните мерки за летовите, ќе биде во две фази, првата од денеска до 19 јуни и ќе биде задолжителен негативен тест за сите патници од државуте вклучени во двете категории, а втората фаза ќе започне од 20 јуни 2020 година и тестот ќе се бара само за оние од втората група, јави дописничката на МИА од Атина.

Со земени предвид епидемиолошките податоци, репродукцискиот број Р0, дневните нови случаи, седмичниот број на смртни случаи и спроведени тестови на 100.000 жители, Кипар објави две листи на држави – една со ниска, друга со зголемена опасност.

Во првата група земји со ниска опасност се Малта, Грција, Бугарија, Норвешка, Австрија, Финска, Словачка, Унгарија, Израел, Данска, Германија, Словенија и Литванија и за нив, од 20 јуни не се предвидени никакви рестрикции и нема да биде потребен тест.

Во втората група со зголемена опасност во споредба со првата, се Швајцарија, Чешка, Полска, Романија, Хрватска и Естонија и ќе биде задолжителен ПЦР тест направен 72 часа пред патувањето како во првата, така и во втората фаза од 20 јуни.

За земјите кои не се вклучено во двете категории, дозволен ќе биде влез само за посебни околности и по одобрување од кипарската Влада.

Министерството за здравство на Кипар секоја седмица ќе ги ажурира листите на држави и отворена е можноста да се додаваат или отстрануваат земји, во зависност од епидемиолошката слика.

Како што веќе објави МИА пред две седмици, Република Кипар издаде конкретни туристички протоколи за сите оние кои ќе патуваат на островот. Освен негативниот тест во конкретните случаи, туристите ќе треба да пополнат и „Ковид-19 патничка изјава“ што ќе содржи информации за тоа дали лицето патувало 14 дена пред посетата на Кипар; потврда претходните две седмици дека не патувало или живеело во земја што не е вклучена во листите; потврда дека нема симптоми поврзани со Ковид-19, 72 часа пред патувањето и не бил во контакт со заразено лице; изјава дека на Кипар доаѓа на своја одговорност, а државата и туристичкиот објект во кој ќе престојува не носат одговорност доколку се зарази, како и во случај да се појават симптоми на 14 дена по заминувањето од островот, дека ќе ги известат здравствените власти на Кипар. с