Кичево мака мачи со отпадот, стадионот во Зајас сега е депонија

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Со децении се провлекува проблемот со отпадот во Кичево. Во секое село, населба и улица можат да се забележат мали депонии. Ова е голем проблем за совесните граѓани кои неколкупати се кренаа на нозе за да го спречат овој феномен, барајќи решение од општината.

Овој проблем нѐ загрижува и нас во општина Кичево, вели градоначалникот Фатмир Дехари. Како што вели, со години се трудат да изнајдат решение, но управувањето со отпадот во овој град оди тешко. Дехари очекува Владата да изнајде решение за регионалните депонии.

„Не успеав да изнајдам привремено решение. Сега направивме импровизирани решенија кои не ми се допаѓаат ниту мене, но сепак го направивме невозможното за да го отстраниме расфрланиот отпад, барем од средините во кои живеат граѓаните.“, рече Дехари.

Надлежностите за управување со отпадот по региони пред неколку години ги презема Владата, но досега не излезе со конкретно решение како планира да го стори тоа.
Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини на првата прес-конференција, не понуди конкретен план за менаџирање на отпадот. Само се осврна на законите за казнување, доколку граѓаните фрлаат отпад насекаде.

„Да фрлаш отпад насекаде е нелегитимно и недопустливо. Да палиш оган, исто така е противзаконско. Ќе бараме и бараме од институциите да ја вршат нивната работа, без оглед на тоа дали станува збор за пожарникарските служби, за полицијата или локалните институции, тие треба да ги вршат нивните задачи.“, рече Нуредини.

Но, тоа не е сѐ. И стадионот во селото Зајас, на кој некогаш се играле спортски натпревари ,сега  е претворен во вистинска депонија. Жителите поради тоа што немаат каде да го фрлаат сметот, со тешки возила го носат на овој стадион. Фрлениот отпад го блокираше и патот кој води до стадионот. Но, доколку поради фрлањето отпад тука, жителите заработат казни, тогаш се поставува прашањето – каде треба да го носат сметот?