Карго аеродромот во Штип заминува во историјата, парите ќе се реалоцираат за канализации, градинки, училишта

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

49,7 милиони евра наместо за досега планираниот Карго аеродром во Штип ќе бидат пренаменети за канализации, водовод, градинки, училишта и други инфраструктурни проекти. Ова по средбата со менаџментот на ТАВ го потврди министерот за Економија Крешник Бектеши. Пренаменетите средства би можеле да почнат да се користат од наредната година.

„Анализите покажуваат дека Аеродромот во Штип не е економски оправдан и затоа тие средства сакаме да ги пренасочиме за проектите кои веќе ги напоменав.“, рече Бектеши.

Што беше пресудно за носење на ваквата  одлука  и дали тоа значи дека владините одлуки се носат од ден за ден, министерот за економија одговара.

„Одлуките не се менуваат од ден во ден.  Ние имавме од претходната година најавено дека  согласно анализата за економската оправданост на карго аеродромот, на таков начин и ќе одлучиме заедно со концесионерот ќе разговараме тие средства да ги пренамениме за проекти кои се во интерес на граѓаните но се и во јавен интерес на целата држава. Тоа веќе било најавено претходната година“, вели Бектеши.

Директорот на ТАВ Македонија Алер Ерсој  истакна дека и  тие се согласуваат со владината  одлука-средствата наместо за Карго аеродром во Штип да се пренаменат за проекти кои ќе бидат од  интерес за граѓаните.

„Ние се сложуваме со оваа одлука на Владата  и бидејќи ја сакаме Република Северна Македонија и во наш бенефит е наместо да се вложат тие пари во изградба на Карго аеродром во Штип кој не би имал толкав економски бенефит  тие средства да се реалоцираат  за изградба на објекти кои ке имаат бенефит за граѓаните.“, вели Ерсој.

Приходите од двата аеродроми во државата се драматично намалени, потврди Ерсој кој потенцираше дека  Авијацијата е една од најпогодените индустрии од Ковид пандемијата.

Осврнувајќи се на  25-те нови барања кои Стопанските комори веќе ги имаат испорачано до владата со цел нова финансиска помош, Бектеши изјави дека Владата ги прави последните анализи и до крајот на неделава треба да излезе со новиот четврти сет економски мерки.