Кампањата различна, реториката иста – со каков настап и програма ќе се претстават партиите?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Се одбројуваат деновите за стартот на изборната кампања, која започнува во среда. Иако вообичаено досега почетокот на кампањата значеше и одржување на големи митинзи во кои се пребројуваше која партија има поголемо присуство, сега изборите во тек на пандемија на Ковид 19 таа ќе биде многу поразлична. Но, реториката и во оваа кампања останува иста, колку е можно повеќе да се оцрни политичкиот противник, а во тоа веќе се користат и прислушувани материјали.

„ВМРО-ДПМНЕ ќе води кампања со една порака. Овој пат имаме избор помеѓу измамите на Зоран Заев и можноста државата да тргне напред. Тоа ќе биде нашата порака до граѓаните бидејќи забележуваме дека многу граѓани кои во 2016 година очекувале од Заев некакви промени, денес се срамат што Заев воопшто бил премиер на оваа држава.“, рече Антонио Милошоски.

И во стилот и на денешните меѓупартиски препукувања и напади, може да се очекува и натамошниот тек на изборната кампања и на владејачката СДСМ кон својот ривал.

„Несериозниот и неодговорен однос кон здравјето на граѓаните во време на сериозна здравствена криза од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски пред јавноста изјави дека ВМРО-ДПМНЕ замислете за време на кампања ќе биде помеѓу народот и потенцирам, нема да се крие, како што кажа Мицкоски зад сметачките машини  и позади екраните.“, рече Костадинов.

И од партијата на Ахмети информираат дека интегративците официјално ќе ја започнат изборната кампања со промотивна конвенција на кандидатите за пратеници во Преспа а ќе ја завршат во Охрид. Нивниот фокус на кампањата ќе биде идејата за Албанец премиер, која пак од останатите партии на Албанците беше оценета како лош и евтин предизборен маркетинг.

Оваа кампања нема да биде вообичаена. Оваа кампања за нас ќе биде Движење за првиот премиер Албанец, и поради тоа нашата организација ќе служи како платформа, и затоа ги повикуваме сите граѓани Албанци и другите да му се придружат на ова движење и да го поддржат со идеи и придонес. 

Изборната кампања официјално стартува на 24 јуни и ќе трае до 12 јули на полноќ, кога почнува изборниот молк. Изборите ќе се одржат на 15 јули, а два дена претходно ќе гласаат лицата во затворите, болните, како и оние кои се во изолација или карантин.