Камионџиите кои чекаат на италијанско-словенечката граница добија храна и вода

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Камионџиите кои чекаат на италијанско-словенечката граница добија вода и храна која им ја обезбеди Амбасадата на Северна Македонија во Словенија, јави дописникот на МИА од Љубљана.

Една група камионџии од земјава вчера беа пропуштени, но и денеска има такви кои се уште се наоѓаат таму. Токму за да им се олесни чекањето, од нашата Амбасада во Словенија им беше однесена вода и храна, а најавено е доколку е потребно ќе се обезбедат и лекови. Камионџиите ги посети амбасадорката Сузана Зеленковска со тим од Амбасадата и во разговор со камионџиите слушнаа за нивните тешкотии, а ги информираа и за процедурите во вакви случаи.

За проблем со товарните возила министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска разговараше со неговиот словенечки колега Анже Логар. Димитров му го претстави проблемот со кој се соочуваат нашите превозници поради застојот на италијанско-словенечката граница и потребата за што побрзо негово решавање.

Двајцата министри се договорија дека ќе вложат максимални напори за да се направи се што е во надлежност на министерствата за надворешни работи од регионот, како би се забрзал транспортот.

Инаку, овие камионџии, со други од повеќе држави се задржани на границата по одлуката на Хрватска да не пушта товарни возила кои доаѓаат од Италија, па да не се создава метеж на словенечка територија таа редуцирано и на интервали ги пропушта камионите кои транзитираат низ земјата.