Какви ќе бидат протоколите за кампањите? – Партиите нема да одржуваат митинзи, но не исклучуваат средби со граѓани

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

За неполна недела, односно во среда на 24 јуни започнува изборната кампања, но засега се уште не е познато по кои протоколи партиите ќе ја водат кампањата. Премиерот Оливер Спасовски вели дека е разговарано со Комисијата за заразни болести и дека ќе се водат по вообичаените мерки, но точно не прецизираше како партиите ќе се однесуваат при евентуални средби со граѓаните.

„Протоколите се објавени и тие не можат да се разликуваат ништо повеќе од тоа што сите заедно сега го правиме. Значи дистанцата, дезинфекцијата и носењето на заштитната опрема е нешто што е врвен приоритет на сите нас. Така што тоа се протоколите по кои што ние ќе се одвиваме. Прашањето ќе биде на целосната одговорност на политичките субјекти како тие ќе се однесуваат во рамките на изборната кампања. Дали ќе ги почитуваат овие правила или нема да ги почитуваат“, истакна Оливер Спасовски.

Претседателот на Државната изборна комисија Оливер Дерковски вели дека деновиве ги очекува протоколите од Комисијата за заразни болести за денот на изборите кој ќе бидат наведени во упатства за гласањето, а ќе се обезбеди и соодветен простор кој ќе биде безбеден за гласање.

„Сите гласачки места ќе бидат во доволна квадратура за да може безбедно да се гласа, ќе бидат со прозорци кои што може да бидат цел ден отворени за проветрување на просторијата и да се обезбеди дистанца внатре меѓу учесниците во избирачкиот одбор и секако и набљудувачите на процесот и да се обезбеди ред“, истакна Оливер Деркоски.

Но, како поради пандемијата со корона вирусот партиите ќе ја водат кампањата во која нема да ги загрозат граѓаните. Ќе имаат ли некои свои креативни идеи и начини преку кои ќе ги пренесуваат своите пораки до гласачите. Митинзи велат ќе нема, но сепак дел од нив не ја исклучуваат и можноста за средби со граѓани.

„Треба да сме крајно внимателни, први соопштивме дека митинзи и големи настани СДСМ и Коалицијата „Можеме“ нема да организира. Ќе ги користиме како и досега сите нови можности, модерни алатки кои што стојат на располагање“, посочи Љупчо Николовски.

„Ќе се обидеме да бидеме до граѓаните, секако тука нема да заборавиме и на опасностите кои доаѓаат од пандемијата Ковид 19. За жал под овие услови ќе мора да ја тераме оваа кампања, така што ќе се обидеме да бидат заштитени во целост сите граѓани“, пишува Шермин Мамут.

„Нормално дека ќе има дел и во електронскиот дел на кампањата, преку социјалните медиуми, тука се нормални, телевизиите и сите останати пишани медиуми, но исто така факт е дека ќе има и теренски активности. Во кој обем и во каков вид ќе бидат тие, нормално дека големите митинзи со оглед на сите мерки кои што треба да ги почитуваме нема да се случуваат, барем не во таков обем“, порача Игор Јанушев.

Овој изборен циклус поради корона вирусот, секако дека ќе биде многу поразличен од досегашните, но сепак партиите ќе мора да изнајдат побезбеден начин да им се претстават на гласачите. Официјалната кампања трае 20 дена пред изборите, но неофицијалната, особено по социјалните мрежи веќе е започната.