Иван се разбуди со новото срце – историски подвиг кој ќе ја подигне свеста за донирање на органи

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Овие денови ќе остават траг во историјата на медицината во Македонија. Утрово, со ново срце по долга операција се разбуди Иван, а моментот беше овековечен со фотографија.

„По успешната операција следува најважниот период од неговото закрепнување, периодот во кој телото на Иван треба да го прифати новиот орган. Докторите максимално посветено ќе го водат низ овој процес“, велат од кардиохирургија.

Тага и среќа во текот на вчешниот ден. Семејството Диневи ја загубија својата мајка и сопруга, Иван пак по втор пат доби можност за живот.

„Еднаш му го спасија докторите позади мене животот, го вратија меѓу живите, сега тоа го прават уште еднаш и едно многу големо благодарам до нив“, истакна Васил Огњановски.

Емилија Динева по тешка сообраќајна несреќа и удар во бетонски ѕид, била три дена во кома, без функционален мозок. По ова роднините ја донеле и важната одлука, таа да се исклучи од апарати и да спаси не еден, туку три животи, донирајќи го срцето и двата бубрега.

„Да изразиме сочувство и да знаат дека срцето на нивната ќерка, мајка, најблиска сестра, нејзиното срце се уште чука“, додава Васил Огњановски.

54 годишниот Иван Огњановски ја губел битката за живот, последните денови веќе имало и прекини во работата на неговото срце, по што докторите му вградиле и пумпа за поддршка.

Двете семејства не се познаваат, а единствена желба на семејството на донорот било, да се запознаат со човекот и семејството кај што ќе продолжи да чука срцето на нивната Емилија.