ИТ секторот со најголем потенцијал, образовни стратегии за конкурентност на работната сила

 

https://www.youtube.com/watch?v=9yGHhP4oa1E

Добра образовна стратегија и подготовка на учениците од средношколски клупи за потребите на пазарот на трудот се клучни за младите да останат да работат во Македонија.

Група струмички претприемачи се во мисија за задржување на младите тука, преку нивно запознавање со предностите на домашната економија, но и близината на светските пазари. За почеток, потребен е квалификуван кадар.

„Малку потешко се доаѓа до квалификувани кадри. Сметаме дека неправилно ги формираме кадрите, професиите во школите. Некако доцниме во тој момент, не можеме на време да се вклопиме и кога завршуваат децата средно или факултет, не се доволно подготвени да се вклопат во тие гранки каде што има потреба“, весли Митко Андонов, претприемач.

Андонов смета дека она што ни е слаба страна може да биде предност кога зборуваме за развој на локалната, но и на националната економија.

„Предностите на Македонија според мене, се што како неразвиена земја имаме големи можности. Да, убаво е во западните земји, но овде има потреба и можност за да влијаеме сите заедно и да ја развиваме Македонија. Има можности во многу сегменти, во многу сектори, но тука е интересен и сегментот што со глобализацијата на пазарите можеме и од Македонија да дејствуваме со целиот свет“, вели Андонов.

Ова го препознал бизнисменот Дарко Кончалиев кој по 17 години работа во САД се вратил назад во Струмица. Тука развива три ИТ компании кои работат во делот на веб дизајнот, бежичниот интернет и изготвување на апликации и мрежи за фудбалски стадиони во Европа. Вели дека, иако меѓу македонската и американската економија има разлики, сепак има бизнис практики кои може да се имплементираат и тука.

„Тоа што би сакал да го поттикнуваме повеќе е старт ап менталитетот и старт ап бизнисот, ангели инвеститори, луѓе кои потенцијално имаат средства и може да ги инвестираат во старт ап идеи. И подобри потенцијални кредитирања од самите банки, кои би инвестрале во бизнис идеите, а не во асетите и во недвижнините или она што треба да го заложиш за да го добиеш самиот кредит“, изјави Кончалиев.

Според нивните оптимистички прогнози, Македонија за десетина години може да биде високоразвиена земја во светот на ИТ технологијата и токму тука треба да се насочи вниманието на образовните власти, бизнисот и стручната фела.

Катерина Дафчева

©TV21.TV Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира!