Истече рокот за објектот кај „Мавровка“ – сопственикот не го сруши, сега тоа треба да го стори Ганиу

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Истече рокот од 8 дена во кој сопственикот требаше да го сруши илегалниот објект кај ТЦ „Мавровка“. Иако општинските власти веруваа дека сопственикот ќе ја сруши дивоградбата, сепак тоа не се случи.

„Мислам дека максимум 30 дена од завршувањето на повикот. Ќе имаме и тендер со кој ќе го срушиме објектот. Но, во меѓувреме се надевам и убеден сум, бидејќи ние објавивме и во „Службен Весник“, мислам дека инвеститорот самиот треба да го сруши објектот“, истакна Висар Ганиу.

Ниту продолжува изградбата на објектот, ниту пак се руши. Веќе две недели е во ваква состојба. Но, имајќи предвид дека сопственикот не го сруши објектот, сега рушењето останува во рацете на Чаир, која треба во рок од 4 недели да ја избере компанија за рушење.

„Договорот за јавна набавка ќе трае една година. Последниот рок за доставување понуди е 05.08.2020 до 10 часот. Критериум за избор на операторот е најповолната понудена цена“.

Тендерот, како што објаснува првиот човек на Чаир, ќе важи и за други потреби на општината. Инаку, дивоградбата кај „Мавровка“ никна на местото кај поранешното кафуле „Фонтана“ кое изгоре до темел на 1 мај за време на полицискиот час.