Инспекторите на терен – затворени 22 ресторани, казни за трговци за зголемени цени

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Инспектори на Државниот санитарен и здравствен инспекторат се уште се во охридската болница и ги прават испитувањата за случајот со 66 годишната жена од Струга која не била примена на лекување, по што почина од корона вирусот. Засега  Државниот санитарен и здравствен инспекторат покрај за директорката утврди одговорност и на дежурниот лекар, истакна Иринка Сотирова директорка на инспекторатот. За овој случај Основното јавно обвинителство покрена постапка.

„Инспекцискиот надзор се уште трае, меѓутоа од досега добиените информации ќе потврдам дека е утврдено прекршување во однос на неовозможување здравствена заштита на пациент кон побарал здравствена заштита. Се однесува на здравствен работник кој бил дежурен во време кога пациентката била донесена на преглед“, вели Иринка Сотирова.

Од Државниот пазарен инспекторат  пак и натаму ги спроведуваат контролите врз трговците на големи и мало и ги повикуваат да не се обидуваат повторно да ги зголемуваат цените. Директорот на инспекторатот Стојко Пауновски рече дека досега казнети се двајца увозници, а ги повика граѓаните доколку утврдат повисоки цени да ги пријават маркетите каде има неправилности.

„Апел и до големотрговците да ја почитуваат одлуката и највисоката маржа на јужното овошје при големопродажба единствена да биде 10 посто, да не прават манипулации од еден голем трговец со друг голем трговец, тогаш нека ги делат тие 10 посто големотрговска маржа“, истакна Стојко Пауновски.

Претседателската на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска Грашкоска дополни и дека се спроведени контроли и на угостителски објекти а за оние кои не ги почитувале мерките, биле затворени.

„Државниот пазарен инспекторат има извршено вкупно 5 илјади 155 надзори во периодот од овие четири дена и продолжува со истата динамика на контролирање. Притоа во текот на минатата недела затворени се дополнителни 22 угостителски објекти во Скопје, Куманово, Гостивар и Тетово“, посочи Магдалена Филиповска Грашкоска.

Грашкоска информираше за работата на сите 6 инспекциски служби кои вкупно спровеле 7 илјади 633 надзори. Во однос на работата на аптеките рече дека е утврдено дека аптеките ги запазуваат мерките а од страна на Малмед која ги контролира цените на лековите не е утврдено нивно зголемување.