И во ГОБ „8 Септември“ ќе се хоспитализираат пациенти со корона ако имаат потреба од други интервенции

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Сите пациенти со коронавирус во земјава, вкупно 48, се во стабилна состојба. И пациентката што е на машина нема знаци на влошување. Денеска е направен план за ставање во функција и на дел од болницата „8 Септември“ за случаи што се сомнителни или се со дијагностицирана корона, а им е потребен друг тип интервенција, соопшти вечерва министерот за здравство Венко Филипче.

Тој истакна дека засега државата добро се справува со почетокот на ширењето на коронавирусот во земјата. Бројот на пациенти, вели, е во пораст, но кривата е блага.

-Мислам дека добро го амортизиравме првичниот удар. Искрено, се надевам дека вака блага ќе биде кривата на бројот на пациенти, дека бројката ќе се зголемува постепено и оти здравствениот систем ќе може да се организира и да ги прифати, рече Филипче.

Додаде дека искрено се надева оти нема да дојде до сценарио на нагло зголемување на бројот на заболени, но, како што рече, и за тоа се прават подготовки.

-Има план консекутивно како ќе се транформираат одделенијата, иако искрено се надевам дека нема да дојде до такво сценарио. Ова сепак е благ почеток. Точно е дека пациентите се во пораст и тоа е очекувано, меѓутоа откривањето случаи во рана фаза, или асимптоматски случаи, можноста за домашно лекување… ни дава надеж дека нема да се случи нешто драматично имајќи ги предвид и мерките кои се сега на сила, рече министерот за здравство.

Тој информира дека во моментот искористеноста на капацитетот на Клиниката за инфективни болести е околу 25 отсто.

-Таму има 110 кревети и планот е следна институција да биде болницата „8 Септември“ прво поради тоа што овие пациенти може да имаат потреба од друга здравствена услуга, а таму можат да добијат се освен гинеколошко одделение, кое е обезбедено на Клиничкиот центар во Скопје, рече Филипче, додавајќи дека освен за позитивни или сомнителни пациенти со коронавирус кои имаат потреба од друга здравствена интервенција, болницата има капацитет да прими и други пациенти доколку се исполнат капацитетите на Инфективната клиника.

Филипче информира дека посебна комисија составена од директори на повеќе клиники и од претставници на Комисијата за инфективни болести ја посетила болницата „8 Септември“. Се утврдил патот на движење на пациентите, обезбедени се посебна операциона и посебна ангиографска сала, Кабинет за ехо-дијагностика и посебен оддел со 22 кревета и две респираторни машини.

За најновите шест потврдени случаи информираше дека во Штип за првпат е дијагностирана болеста кај четиригодишно девојче инфицирано во градинка во Англија кое со семејството од таму се вратило на 14 март и било во домашна изолација. На тестирање се јавиле вчера во Инфективното одделение во Клиничката болница – Штип, два дена откако девојчето ги почувствувало симпотмите.

– Тоа е хоспитализирано таму, со мајка си, а ќе се земаат брисеви и од други луѓе со кои ова семејство имало контакт. Во Дебар има уште три случаи, во Скопје е потврден еден случај, а има и уште еден случај во Гостивар – жена вратена од Швајцарија, рече Филипче.

Во Дебар каде состојбата е засега најалармантна од утре ќе се упатат уште еден пулмолог и еден педијатар.

Денеска, како што информира Филипче е направена и домашна визита на сите кои се на домашно лекување.