И покрај тешките услови, извозот од јануари до март е поголем за 210 милиони евра

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

„Царинската управа заедно со сите органи и Министерства во Владата на Република Северна Македонија, прават исклучителни напори за одржување на економската активност и поддршка на извозот“, рече директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски на денешната прес-конференција на која информираше за конкретните мерки во областа на прекуграничната трговија.

Според податоците на Царинската управа за надворешно-трговската размена, вкупната вредност на извозот во периодот јануари-март 2020 година изнесува 86,77 милијарди денари или 1,41 милијарди евра, што е поголемо за околу 210 милиони евра во однос на 2019 година. Вкупната количина на извезени стоки изнесува 702.650 тони.

„Покрај исклучително тешките услови, извозот на свеж зеленчук во март 2020 година е поголем за околу 3.000 тони во однос на 2019 година, додека кај вредноста се бележи благо намалување. Во март 2020 година изнесувал 290 милиони денари или околу 4,7 милиони евра. Што се однесува на извозот на свежото овошје, во март 2020 година е поголем за околу 1 милион евра во однос на 2019 година. Извозот на свежо овошје во март 2020 година изнесувал околу 3,7 милиони евра или околу 9.126 тони“, објасни директорот Танасоски.

Тој истакна дека во рамки на своите надлежности и овластувања, Царинската управа на членките на Советодавното тело, пред се, коморските здруженија, транспортните здруженија како АМЕРИТ и МАКАМТРАНС, постојано доставува информации поврзани со прашања поврзани со увозот и извозот на стоки и прекуграничното движење на стоките.

„Во таа насока, ние постојано се трудиме овие информации да бидат достапни до јавноста преку соодветните интернет страници и преку социјалните медиуми постојано го ажурираме Упатството за царински прашања поврзани со вонредната состојба КОВИД-19“, рече директорот Танасоски и додаде дека во рамки на македонското претседателство се Поткомитетот за царини и потекло на стоки во рамки на ЦЕФТА покрената е иницијатива за воспоставување на т.н., зелени коридори, каде сите земји членки на ЦЕФТА се обврзани да обезбедат 24 часовна работа на граничните премини за извоз и увоз на стоки во рамки на ЦЕФТА регионот, како и на клучните гранични премини со Европската Унија, со приоритет за минување на свежите земјоделски и прехранбени производи, лековите и медицинската опрема.

Како резултат на воведувањето на дигиталната царина и безхартиената царинска околина со воведувањето на новиот софтвер од 01.04.2020 година царинската постапка за извоз е целосно без хартија.

„Тоа практично значи дека секој извозник покрај тоа што не треба да поднесува царинска декларација за извоз, не е потребно да ги поднесува и придружните царински документи, како фактура, ЦМР. На овој начин, придобивките од модернизацијата на царинското работење и дигитализацијата, покрај олеснување на трговијата, во ова кризно време придонесуваат и за што поголемо избегнување на физичкиот контакт помеѓу економските оператори и царината“, објасни директорот Танасоски.