„Храната во затвор е катастрофа, јадење ни носат роднини и доброволци“, раскажуваат затворениците кои постат

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Храна им обезбедуваат роднините и им ја праќаат во затвор. Сифир и ифтар спремаат самите затвореници. Тоа е така бидејќи храната е лоша во затворите и не се подготвува во добри хигиенски услови, раскажува за ТВ21 затвореник.

„Пакети ни испраќаат речиси секој ден, за тоа управата е коректна. Храната ни ја носат од надвор, внатре храната е катастрофа“.

ТВ21: Храна ви носат роднините?

Затвореник: „Да, роднините, другарите, ја носат до капија. Ние излегуваме ја земаме или пак ни ја носат со комбе од Управата. Ние бараме да се среди храната, има такви на кои не можат да им носат од надвор, јас имам можност да ми носат, но некои немаат. Добро е да се среди тоа со храната. Лебот е катастрофа, а да не зборувам за делот каде што се подготвува храната, таму е катастрофа“.

По појавата на коронавирусот состојбата на затворениците е влошена од емоционален аспект бидејќи не им е дозволена посета од роднините.

„Нема посети. Веќе два и пол месеца или три немаме воопшто посети. Нема влез – излез за никого“.

За олеснување на оваа состојба, ангажирани се и хуманитарните здруженија. Активистите на “Златна рака“ испратиле ќебиња, пакети со храна и книги за читање.

“Ги поделивме. На кого му треба повеќе и неколку ќебиња им дадовме. Имаше околу 25 пакети.“

Затворениците бараат подобрување на хигиенските услови во делот на храната, бидејќи има затвореници кои немаат услови да им носат храна од надвор. Таков е случајот со затворениците од Косово, чии роднини не можат да им носат храна поради затворените граници.