Фуере: Витално е ЕУ во јуни да постигне согласност за следниот чекор во преговорите

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Во разговор за МИА, поранешниот амбасадор на ЕУ во Северна Македонија, Ерван Фуере, вели дека е од критична важност во јуни да се донесе одлука за отпочнување на процесот на преговори, со отворањето на првите поглавја.

-Витално е одлуката донесена во март да биде потврдена и да се постигне согласност за следниот чекор, одредување датум за старт на пристапните преговори. Многу време веќе се изгуби и пред коронавирусот минатата година, посебно со француското вето и сега справувањето со вирусот сите ги засега, но тоа не треба да го одложи отпочнувањето на преговорите и одредувањето датум ќе ги фокусира и ЕУ и земјите од западниот Балкан на реформите што се и тоа како уште потребни, вели Фуере за МИА.

Иако сите се свесни дека пандемијата го забавува процесот, Фуере е согласен дека Европската Унија и покрај кризата успеа да го задржи Балканот на врвот на приоритетите.

-Немаше да ја донесат одлуката во март во сред кризата со коронавирусот ако сѐ уште постоеше двоумење околу тоа. Одлуката е донесена, а сега е важно таа да дојде до израз. Многу ќе зависи и од преговарачката рамка што ќе биде презентирана на почетокот на јуни, заедно со извештаите за земјите, но сето ова би требало да го забрза процесот и да потврди дека процесот на проширување е сѐ уште многу жив и дека има вистинска, многу конкретна перспектива за Западниот Балкан, објаснува поранешниот ЕУ амбасадор.

Тој потсетува дека на Северна Македонија сѐ уште и претстои реформска работа, пред сѐ во однос на борбата против високата корупција, организираниот криминал и владеењето на правото, и жали што многу од случаите поврзани за “ерата на Груевски“ не добија завршница.

Затоа, според него, важно ќе биде во процесот на преговори со ЕУ да се воведат ефикасни механизми на мониторинг на имплементација на реформите. Според Фуере новата методологија на преговори нема да биде доволна.

-На пример иницијативите како онаа на Прибе, повеќе примери како праксата на Прибе со повеќе мониторинг на имплементацијата и во случај на назадување, да има мерки како санкции за да се спречи назадувањето на време. И сите области ќе треба да добијат ефикасни мониторинг механизми.

Во интервјуто Фуере се осврна и на тензиите со Бугарија, дебати за кои тој смета дека не припаѓаат во 21 век и ја повика Софија да го нагласи заедничкото наследство наместо да се обидува “да наметне националност на еден од големите херои на Балканот“.