Филип Морис обвинет заради анти-пушачка реклама

Една од најпознатите компании за производство на тутун, Филип Морис, е обвинета за “невидено лицемерие” поради новата кампања која ги повикува пушачите да ги остават цигарите. Според компанијата, рекламата претставува “важен чекор” кон “конечен престанок на продажбата на цигари”.

Но, Британскиот центар за истражување на ракот укажува дека компанијата само се обидува да промовира замена за пушењето.

“Ова е невидено лицемерие”, велат од центарот, додавајќи дека Филип Морис сеуште промовира пушење надвор од Велика Британија. “Најдобриот начин за Филип Морис да им помогне на луѓето да престанат со пушењето е да престанат да произведуваат цигари”, вели Џорџ Бетворт, раководител на Центарот за истражување на ракот.

Оваа организација истакна дека пушењето е една од главните причини за ракот и ги повика луѓето целосно да се откажат од пушењето, дури и од електронските цигари.

Добротворнaта здравствена организација Action on Smoking and Health(Ash), исто така, ја критикуваше кампањата наречена “Hold my light” и која е објавена на четири страни на изданието Дејли мирор во понеделникот – велејќи дека тоа е обид на Филип Морис да ги избегне правилата за забрана на рекламирање тутун.

Од Филип Морис претходно изјавиле дека сакаат да постигнат “непушачка” иднина.

Како и многу тутунски компании, Филип Морис се насочува кон производи кои ќе ги заменат цигарите, бидејќи бројот на пушачи во Велика Британија продолжува да опаѓа. Директорот на компанијата Питер Никсон вели дека новата кампања “им дава поддршка на пушачите да најдат замена за цигарите”.

 

©TV21.TV Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира!