„ЕУ Клик“ – Живот во карантин – земјоделците можат да работат за време на полицискиот час

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Земјоделците можат да извадат дозвола за да работат на нивните ниви за време на полицискиот час, изјави во „ЕУ Клик“, државниот секретар во Министерството за земјоделство, Нефрус Челику. Како што вели, веќе усвоиле и уредби за слободно движење на земјоделците.

„Затоа ние како Министерство за земјоделство во соработка со Владата не смееме да го прекинеме синџирот на производство, преработката и транспортот за увоз и извоз на стоки. Ние предложивме и усвоивме уредби за движење на секој земјоделец, сточар кој има потреба да работи на нива или во неговата фарма“, истакна Нефрус Челику. 

Но, сепак земјоделците од Тетово вчера се пожалија околу издавањето дозволи. Ариф Исмаили, вели дека додека трае полицискиот час ќе треба сам да ги одгледува засадените култури, бидејќи од Министерството за земјоделство добил само дозвола за него.

Но, колку всушност ќе биде ефикасен полицискиот час? Портпаролот на Владата, Мухамед Хоџа, уверува дека изолацијата е најуспешната мерка во борба против Ковид-19.

„Според епидемиолозите изолацијата е една од најуспешните мерки за заштита од пандемијата која ја зафати нашата земја“, изјави Мухамед Хоџа.

Во синоќешното издание на „ЕУ Клик“, преку скајп се вклучи и заменик-министерот за здравство, Арменд Арслани, кој рече дека ЕУ донирала 4 милиони евра, додека САД преку УСАИД ѝ помогнала на Македонија со 1.1 милиони долари за справување со коронавирусот. Директорот на ЈП „Комунална Хигиена“, пак, Абдуљсамет Шабани ги повика граѓаните по завршувањето на полицискиот час да не го офрлаат отпадот надвор од контејнерите.