„Ербас“ на принуден одмор испраќа 3.000 работници

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Компанијата „Ербас“ на принуден четиринеделен одмор ќе испрати околу 3.000 француски работници, во рамки на напорите да се избори со кризата од пандемијата од коронавирусот, а за тоа ќе користи средства од владината програма за финансиска помош, се вели во соопштението на водечкиот европски производител на авиони.

Компанијата соопшти дека овие мерки  ќе ги примени кај работниците во оние погони што не можат во целост да ги обезбедат здравствените услови што ги побара владата со воведувањето на вонредната состојба, на 17 март, пренесуваат британските медиуми.

Компанијата прецизира дека принуден одмор ќе има за околу 3.000 работници во погоните во Тулуз, Нант и Сен-Назер.

Синдикатот ЦГТ соопшти дека станува збор за 20 проценти од работната сила на „Ербас“ во Франција.

Компанијата инаку вработува 130.000 луѓе ширум светот.

„Ербас“, исто така, соопшти дека програмата за принудни одмори или „делумни активности“, доколку е потребно, може и да биде продолжена по завршувањето на предвидениот рок, каде како краен рок е одреден 17 мај.

Пакетот мерки на француската Влада им овозможува на фирмите да воведат скратено работно време или принуден одмор за работниците, при што имаат обврска да плаќаат дел од платите на вработените, а тие пари да ги вратат од средствата за државната помош.

Синдикатите го поддржаа планот на „Ербас“, за кој извори на британските медиуми наведуваат дека вработените во текот на принудниот одмор ќе примаат  околу 92 проценти од полниот износ на нивната плата.