Ентузијасти создаваат медицинска опрема – 500 визири веќе предадени низ скопските клиники

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Овие четири принтери работат по 24 часа и создаваат заштитни визири. Македонски ентузијасти со помош на 3Д принтери создаваат медицинска опрема. Изработените т.н визири подоцна се донираат на медицинскиот персонал кој во овие моменти се справува со коронавирусот.

„Уште од пред неколку недели сме во контакт со доктори кои сугерираат дека е можно настанување на дефицит на опрема кај нас бидејќи компаниите кои произведуваат имаат забрана за извоз. И така оваа иницијатива се појави наеднаш“, истакна Ристе Попески Димовски.

Обединети се сите од цела држава кои работат со оваа индустрија, во моментов по 24 часа активно работат 50 принтери ширум земјава.

„Од една најобична иницијатива, дојдовме во ситуација каде што вистинските херои работат 24/7 во овој момент и претходно, за што е можно поголемо производство на тие заштитни маски или визири како што ги нарекуваме“, вели Бојан Трајковски .

Во текот на вчерашниот ден над 500 маски веќе биле предадени низ скопските клиники. Целта е да се произведат над 6.000 маски.

„Заклучно со вчера, дистрибуирани се нешто повеќе од 600-700 парчиња, се трудиме апсолутно да одиме на ниво на списоци кои ги имаме добиено од јавни и приватни установи. Се трудиме да правиме приоритет на оние места каде што се на удар, тоа се ургентните центри, инфективните болници, места кои се изложени на ризик, но ние нема да застанеме додека секој не добие заштитна маска“, додава Трајковски.

Компанијата Тримонд Тим од Битола е исто вака вклучена во акцијата. Потребните материјали за изработка ги добиваат од организаторите од Скопје, каде пак донираат и компании.

„Потребно е да поседуваме 3Д принтер, за да може 3Д принтерот да почне да работи потребно ни е и документ од пластиката која сакаме да ја изработиме. Потоа за да може принтерот да работи потребно е филамент, тој е во форма на жица. Визирот е составен од главниот држач кој се прави на 3д принтер, ова е и сина верзина. На него се поставува вералит, тоа е предниот штит и има држач за главата. Кога ќе се состави тоа, финалниот произовд е ова“, посочува Благоја Стојчевски.

Од „3D принт Медицинска Опрема“ велат дека нема да застанат тука. Додаваат дека ќе работат деноноќно со цел за да се снабдат сите медицински установи низ републиката.