Енис Барди за коронавирусот во Шпанија: „Ретко излегуваме на улица, само да купиме храна“

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Шпанија е прва на листата на европски држави по бројот на заразени со коронавирус. Над 170 илјади граѓани се заразени со Ковид-19. Таму веќе неколку години живее фудбалерот од Скопје Енис Барди кој игра за Леванте. Од неговиот дом во Валенсија, Барди за ТВ21 раскажува како го поминува престојот во најпогодената европска држава со коронавирусот.

„Вирусот се шири многу брзо. Нормално дека седиме внатре и вежбаме дома, секој има своја програма што ни ја праќа тимот.“, вели Барди.

Играчот од средниот ред по потекло од Блаце вели дека и тој бил тестиран за Ковид-19, но бил негативен, како и сите други од неговиот тим. Барди вели дека во Валенсија нема раздвиженост, и дека ретко излегува само за да купи храна. Се уште не знае точно кога ќе продолжи со тренинзите за подготовка на повторниот старт на сезоната на Ла Лига.

„Еднаш ни рекоа дека на 26 април ќе можеме да излеземе од карантин, но сега повторно одложија, до 9 мај. Јас се надевам дека до крајот на мај ќе почнеме со тренинзи, според тоа што разговаравме и со тренерот.“, рече Барди.

Неофицијално се зборува дека шампионатот на шпанската Ла Лига повторно ќе почне на 27 јуни, но доколку до тогаш не се подобри состојбата со коронавирусот, постои опасност сезоната да се одложи.