Еко дрон патрола на Град Скопје во потрага по загадувачи на животната средина

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Градот Скопје во соработка со здружението ЕРГОС Скопје почна еко дрон патрола, поточно прелети со дрон низ територијата на Скопје во потрага по потенцијални загадувачи, огнови на отворено и можни создавања на диви депониии.

Градските власти денеска соопштија дека еко дрон патролите ќе вршат прелети во текот на месеците септември, октомври и ноември со цел во текот на овие три месеци кога завршуваат земјоделските активности во атарите на градот да ги откријат и евидентираат загадувачите во Скопје.

Следното прелетување со дрон ќе се направи во текот на следната недела и дел од прелетите ќе се емитуваат во живо на официјалната фејсбук страницата на Град Скопје.

По извршените прелети со дрон над околината на градот, како што соопштија од Градот, снимките и фотографиите ќе се предадат како материјали на инспекторите во Град Скопје за тие да можат веднаш да реагираат на терен, да поднесат пријава и да ги гонат потенцијалните загадувачи.

-Во рамките на оваа соработка, ЕРГОС Скопје во партнерство со Центарот за одржлив развој Елипса досега реализицираше 12 прелети со еко дрон над земјоделските површини во околината на градот и не е забележано ниту едно палење на стрниште или создавање на нова дива депонија, се наведува во соопштението на Град Скопје.

Овој проект е дел од програмата за активностите на Град Скопје од областа на соработка со здруженија на граѓани и фондации за 2020 година.