ДУИ: Време е за прв премиер Албанец! – Заев: Ако ова е услов, ДУИ нема да биде дел од идната Влада

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети на 18 годишнината од основањето на партијата ја одреди следната цел, а тоа е Македонија да го добие првиот премиер Албанец.

„Заедно ги одредивме и реализиравме нашите цели на оваа толку важна годишнина за сите нас, да ја одредиме заедно и нашата следна цел, на изборите што следат, да ја оствариме за да избереме ценет лик кој е докажан и прифатлив или кого ќе го избереме заедно за ПРВ ПРЕМИЕР АЛБАНЕЦ!!!“, истакна Али Ахмети.

Актуелниот партнер на Ахмети, лидерот на СДСМ, Зоран Заев вели дека доколку ДУИ има таков услов за формирање на следната влада, тогаш ДУИ нема да биде дел од неа доколку тој биде мандатар.

„Доколку СДСМ победи на изборите, јас сум кандидат за претседател на Владата и ќе бидам премиер и на рамноправен начин ќе се борам за подобар живот на сите граѓани на Северна Македонија, нешто што го докажав со моите политики низ годините. Согласно тоа, доколку ДУИ има таков услов за коалиција во Влада, тогаш ДУИ нема да биде дел од идната влада“, посочи Зоран Заев.

И опозициската ВМРО-ДПМНЕ одлучи Христијан Мицкоски да биде кандидат за мандатар за новата влада.

„Едногласно е донесена одлука кандидат за мандатар да биде проф. др. Христијан Мицкоски. Така што на овие избори покрај ВМРО-ДПМНЕ, свои кандидати ќе имаат и СДСМ и ДУИ. Финалната одлука ќе ја донесат граѓаните на избори“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

За барањето на ДУИ за премиер Албанец имаше реакции и од албанската опозиција. Претседателот на Движење Беса, Биљал Касами, предизборен партнер на СДСМ, ја нарече популистичка оваа идеја заради собирање политички поени. Дури напишаа дека Албанците во иднина може да имаат премиер во Македонија, но тој сигурно нема да биде од редовите на ДУИ.

Во реакцијата на АА се вели доколку ДУИ ја исполнила својата обврска кон граѓаните за сите дадени ветувања и ако беше сигурна во идејата за албанско и неконсензуално владеење, ќе поддржеше Албанец кандидат на претседателските избори. Сепак, велат од Алијанса, ДУИ се одлучила за консензуален претседател бидејќи таквата поддршка беше политичка игра во замена за партиски интереси,  со цел како што велат, да добие неколку општини повеќе на локалните избори за кои знаеше дека ги има загубено.