ДСЗИ спроведува вонреден инспекциски надзор за смртта на починатиот велешки пациент

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Според информациите добиени од Општата болница во Велес, Министерството за здравство инфомира дека во вторникот – 31.03.2020 година околу 16:00 часот од страна на дежурниот лекар на инфективното одделение во ЈЗУ Општа болница Велес бил прегледан пациент на 78 годишна возраст – донесен како итен случај со возило на Итната медицинска помош, бидејќи имал претходно закажан термин од матичен лекар во 19:20 часот.

Пациентот бил болен 4/5 дена пред прегледот со покачена телесна температура и кашлица со искашлување на секрет, лекуван од матичен лекар со антибиотик – парацетамол и витамини. Роднините негирале епидемиолошка поврзаност со контакти сомнителни или заболени од корона вирусна инфекција. На денот на прегледот фамилијата забележала кај пациентот розеникав по боја искашлок и побарале да му биде земен брис од страна на епидемиолошката служба и да биде прегледан неколку часови порано од веќе закажаниот термин.

Во моментот на преглед, пациентот бил без температура, во стабилна општа состојба со бронхитичен наод на бели дробови, поради што му е ординирана антибиотска терапија, бронходилататорна, експекторанс, витамини и даден совет за домашна изолација, како и контрола на резултатот од земениот брис. Се било уредно евидентирано – со документација, а проценка на докторот е според симптоматологијата како да постапи. Земена е епидемиолошка анамнеза и од неговата ќерка.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат спроведува вонреден инспекциски надзор во однос на причината за смртта на велешкиот пациент.