Дневен преглед за состојбата со Ковид-19 во светот

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Според најновите податоци, во светот со новиот коронавирус досега се заразиле 5.545,463 лица. Од нив починале 347.617, а оздравеле 2.327.245.

– Во последното деноноќие во Албанија регистрани се шест новозаразени со Ковид-19, со што вкупниот број надмина илјада заболени. Од почетокот на пандемијата, извршени се 14.659 тестирања, при што позитивни се 1.004 лица. Битката со болеста ја добиле 795 или околу 79 од вкупно заболените а починале 32 лица. Активни случаи се 177, од кои 16 се третираат болнички, а четворица се на интензивна терапија.

– Во Австрија, бројот на активни случаи се намали за околу 50 на 679. Според Министерството за здравство, во последните 24 часа, бројот на активни пациенти е намален за 47. Во исто време, бројот на смртни случаи се зголеми за нова жртва и сега изнесува 641.

– Иран ги отвори големите шиитски светилишта, вклучувајќи го и Имам Реза во Машхада и Хазрат Масумех во Кома, два месеци откако тие беа затворени за да се спречи ширењето на коронавирусот.
На верниците и аџиите ќе им биде дозволен пристап до дворовите, но не и на тремови и други покриени области. Тие ќе треба да ги следат упатствата за хигиена и физичко дистанцирање, пренесува Би Би Си.

– Општата болница во Вестон, во југозападниот дел на Англија престана да прима пациенти, дури и на одделот за итни случаи, поради големиот број заболени од коронавирус, објави денеска болницата.Од таму посочуваат дека суспендирањето на приемот е превентивна мерка за безбедноста на пациентите и вработените.– Во последните 24 часа, две лица починаа во Србија како резултат на коронавирусот, со што бројот на жртви од почетокот на епидемијата е 239. Од последниот пресек на состојбата во Србија, 2.488 лица се тестирани за коронавирус, а вирусот е потврден кај 34 од нив. Од почетокот на епидемијата на коронавирус во Србија, заразени се вкупно 11.193 лица. Излекувани се 5.920 пациенти.– Институтот за јавно здравје на Црна Гора објави дека и денеска не се регистрирани нови случаи на коронавирус во таа земја. Бројот на активни случаи е нула,, велат од Институтот. Вчера се опорави последниот пациент заболен од Ковид-19, па Црна Гора стана „корона фри“ држава, пренесува РТЦГ.– Во Холандија е откриен уште еден случај на пренесување на коронавирус од куна на човек, соопшти Министерството за земјоделство на таа земја. Во писмото до парламентот, министерката Карола Шутен повтори дека Националниот институт за здравство смета дека ризикот од пренесување на болеста од животни на луѓе надвор од фармите каде што се чуваат е „занемарлив“.  На 20 мај, таа го извести парламентот дека работник на фарма во Холандија каде се одгледуваат куни за извоз на крзно се заразил со коронавирусот преку животните за кои се грижи.

– Министерството за здравство на Грција попладнево соопшти за еден смртен и четири нови позитивни случаи на Ковид-19. Вкупниот број на заразени се зголеми на 2.882 лица, а на починати на 172 лица. Од почетокот на епидемијата биле направени 155.037 тестови, 1.074 повеќе од вчера.

– Од направени 2.128 анализи, во изминатите 24 часа на Кипар се регистрирани само два нови случаи на Ковид-19. Од почетокот на епидемијата, заразени се вкупно 937 лица.