Дивоградба во срцето на Скопје – Град Скопје нема градежен инспекторат за да интервенира

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Град Скопје нема градежен инспекторат со кој би можел да интервенира за уривање или стопирање на изградбата на дивоградбата кај ТЦ Мавровка. Меѓутоа, има определени ингеренции кога се во прашање инспекциите на градежните работи.

„Бидејќи и мене ми беше нелогично и неприродно таму да никнува објект, некаде уште на почетокот на овој месец по мој налог инспекторатот на Град Скопје излезе на лице место да утврди дали постои потребна документација, кој е градител, дали постои собраќајно решение, дали градилиштето е обезбедено согласно законските прописи, а тоа се тие ингеренции кои ги инспекторира градот, констатиравме дека недостасуваат сите овие работи кои што ги набројав, се обративме до надлежните институции, до Општина Чаир, до инспекцискиот совет и до Министерството за внатрешни работи со цел да ги известиме за аномалијата што се случува во гардот“, истакна Петре Шилегов.

Заедно со записникот за констатирана состојба, дописот до инспекцискиот совет Шилегов го пратил на 9 јули годинава.

„Добив пред два дена известување од инспекцискиот совет дека ќе извршат заеднички инспекциски надзор со надлежната општина, односно надлежниот инспекторат на Општина Чаир. Тоа е тоа што ние можевме да го направиме. Јас очекувам дека механизмите на институциите и она што е предвидено како нивна ингеренција ќе излезе на лице место и таа аномалија ќе биде отстранета“, посочи Петре Шилегов.

Општина Чаир се уште не знае кој е сопственикот кој го гради објектот кај кафулето Фонтана во Мавровка. Од таму рекоа дека преку соопштение во дневните весници и службен весник ќе го известат сопственикот, дека изградбата е нелегална и треба да се урне.

„Во рок од 8 дена треба да се урне објектот. Доколку не го урне, тогаш општината ќе преземе мерки. Но, паралелно сакам да ве известам дека од понеделник Општината ќе објави нов тендер или јавен оглас за уривање на објектот бидејќи во моментов е истечен“, додаде Висар Ганиу.

Во врска со отстранувањето на дивиот премин кај Бит Пазар, грдоначалникот Шилегов истакна дека чекаат од општина Чаир да се исчисти и оспособи пешачкиот мост. Тој се надева дека ќе имаат добра соработка со општината и дека во блиска иднина ќе се реши овој проблем. Додека пак за отстранување на трафиките кои го спречуваат слободниот проток на луѓето, Шилегов потенцираше дека за поставувањето и отсранувањето на времеските објекти, решенија носат самите општини, а не Град Скопје.