Џафери: Идентитетот е потврден во Уставот – вработувања по етнички клуч се добри за бизнисот

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

По големите реакции во јавноста поради бугарскиот меморандум доставен до земјите членки на Европската унија во кој се наведени барања кои задираат во идентитетските прашања на Македонија, претседателот на собраниската комисија за надворешни работи Антонио Милошоски побара од министерот за надворешни работи Бујар Османи да го достави документот до Комисијата. Тој вчера побараа Собранието да усвои декларација за потврдување на македонскиот идентитет, на што претседателот на Собранието Талат Џафери во магазинот на ТВ21 Клик плус вели дека идентитетот на граѓаните е потврден со Уставот.

„Уставот ги определил тие работи околу потврдата за идентитетот, а односот по спорот би требало во дијалогот кој што е веќе отворен да се справат, да се расправаат и да се изнајдат соодветни решенија. Институциите ја имаат поддршката од Собранието да си ги водат преговорите со оглед на она што е темата и дилемата околу тие односи, да ги регулираат односите“, истакна Џафери.

Запрашан за тоа што мисли за предлогот на првиот вицепремиер Артан Груби околу субвенциите на приватните компании за вработување по етнички клуч. Џафери рече дека тоа би било добро за бизнисот, иако потсети дека Уставот предвидува право на вработување на секој граѓанин.

„На конкурс има право да се пријави било кој и секој фактички кој што смета дека ги исполнува условите, а застапеноста сметам дека од друга страна би било интерес можеби и на бизнисот, односно приватниот сектор да има застапеност. Основата е значи во Уставот како право на работа на секој граѓанин кој е способен за работа без оглед на припадноста, така што во тој контекст уставна категорија е и застапеноста во смисла на потребата“, посочи Талат Џафери. 

Џафери во Клик плус на ТВ21 зборуваше и околу бројката на неговите заменици во Собранието. Рече дека ако тој се прашува не му треба ниту еден заменик. Текот на седницата е моја работа. Јас контролирам, јас одлучувам кога ќе прекинам. Мене не ми треба заменик ако јас се прашувам, рече Џафери.