Дел од пратениците се во Собранието, седницата за законот за ЈО се уште официјално не е закажана

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Дел од пратениците се во Собранието, каде се во исчекување собранискиот спикер Талат Џафери да ја свика 135. седница на која треба да се расправа за предлог-законот за јавно обвинителство и за предлог-законот за јавни обвинители.

Во собранието се присутни новинарски екипи и дел од стручните служби на законодавниот дом, во исчекување на седницата за двата закона, која според првичните информации требаше да почне во 15:00 часот.

Пратениците биле повикани да бидат присутни во законодавниот дом во 15 часот,  кога според првичните информации требаше да се одржи седницата за двата закона, кои вчера поминаа во Комисијата за европски прашања и во матичната Законодавно-правна комисија, потврдија за МИА извори од владејачкото мнозинство.

Досега на веб страницата на Собранието нема се уште најава за седницата.

Расправата за законите, според првичните информации, постои можност да заврши денеска, а за нив евентуално да се гласа следните денови. Собранието треба да се распушти најдоцна до недела, со цел да се запазат роковите за одржување на предвремените парламентарни избори, на 12 април.

Двотретинско мнозинство е потребно за законот за ЈО, кој не е официјален  услов за добивање датум за почеток на преговори со ЕУ, но сепак од високите европски претставници се споменува како позитивен сигнал кој би можел да го придвижи процесот. Неофицијално, владејачкото мнозинство веќе има обезбедено двотретинско мнозинство со пратениците на БЕСА, но се уште се лобира меѓу пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и помеѓу останатите партии кои ги претставуваат Албанците во Собранието.