Дали Македонска пошта е пред стечај?! – Нема промет, загубата е 110 милиони денари приходи месечно

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

„Секој ден Македонска пошта вршела од 60 до 80 илјади банкарски трансакции. Со одењето во стечај на Еуростандард банк, бројот на трансакции сега засега е 0. Повеќето од експозитурите се затворени бидејќи немаат што да работат, а тие кои се отворени, како што е ова во центарот на Скопје примаат само писма“, вели репортерот на ТВ21.

Работата со пратки и писма во и надвор земјата тече нормално, но тоа што предизвика револт кај граѓаните е тоа што не можат да ги платат сметките за електрична енергија, вода и други комунални услуги.

Во последно време, работата на ова претпријатие не течеше добро. Последниот извештај на Државниот завод за ревизија покажува дека од 2012 година Пошта работи со загуба од околу 10 милиони денари. Пандемијата ги парализираше меѓународните пратки, нешто што донесе само загуба, а одењето во стечај на Еуростандард банка дополнително ја влоши состојбата.

„Тоа значи минус од 110 милиони денари месечно помалку за Пошта на Северна Македонија, што претставува исклучително голем удар“, посочува Ејуп Рустеми.

Но дали сето ова може да донесе до одење во стечај на Пошта? Генералниот директор, Рустеми, се надева дека нема да се случи тоа.

„Јас сум оптимист и мислам дека нема да одиме во стечај. Пошта освен платниот промет, има и услуга за праќање на писма, пратки и ние продолжуваме со таа дејност. Како Управен одбор и генерален директор ги преземавме сите мерки, ќе видиме наскоро некое решение за да склучиме договор со друга банка за да продолжи платниот промет“, порачува Ејуп Рустеми.

Пошта побарала одобрување од Влада како сопственик, за да ја започне постапката за склучување договор со друга банка, вели Рустеми, со надеж дека новата Влада ќе донесе одлука. Премиерот Зоран Заев вети дека наскоро ќе биде донесена одлука.

Македонска пошта платниот промен го вршела преку Еуростандард банка, се додека таа не отиде под стечај. Заев е свесен дека стечајната постапка на Еуростандард банка ќе влијае врз Пошта. Очекува да се санира штетата кога други банки ќе сакаат да соработуваат со Пошта.